ПРОГРЕСИВЕН ДАНОК ТРЕБА ДА СЕ ВОВЕДЕ, НО НИЗОК ПРАГ МОЖЕ ДА ГИ ДЕСТИМУЛИРА МЛАДИТЕ, ВЕЛИ АНЃУШЕВ

    ПРОГРЕСИВЕН ДАНОК ТРЕБА ДА СЕ ВОВЕДЕ, НО НИЗОК ПРАГ МОЖЕ ДА ГИ ДЕСТИМУЛИРА МЛАДИТЕ, ВЕЛИ АНЃУШЕВ„Јас само отворив дилема дали 1.000 евра е можеби низок праг и дали можеби ќе ги дестимулира младите луѓе, кои стигнале до таа плата“, кажа Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања. (Фото: СДК.МК)

    Владата прави анализа за придобивките од воведување прогресивна стапка на персоналниот данок, како и за тоа кој ќе биде прагот за даночна стапка од 18 отсто. Ова денес го кажа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој рече дека анализата треба да биде издржана.

    „Сметам дека треба да се направи математичка анализа и модел и да се види кои ќе бидат придобивките од персоналниот данок што ќе се воведе на 18 отсто, но предмет на анализа треба да биде прагот. Таа анализа треба да биде издржана и во моментов не можам да кажам кој ќе биде прагот“, рече Анѓушев.

    Тој кажа дека сите бројки треба да ѝ се соопштат на јавноста одговорно и врз база на анализата. Министерството за финансии предлага прагот да биде над 1.000 евра месечен доход. Анѓушев и пред два дена кажа дека мерката е добра, но дека треба да се внимава прагот да не биде низок и мерката да биде контрапродуктивна.

    „Кога ќе биде завршена анализата ќе ја кажеме и бројката за прагот. Јас само отворив дилема дали 1.000 евра е можеби низок праг и дали можеби ќе ги дестимулира младите луѓе, кои стигнале до таа плата“, кажа Анѓушев.

    Тој смета дека државата треба да води сметка за младите високообразовани кадри и да ги стимулира да останат во земјава, но и да се грижи и за професионалната класа и да не ја оптоварува.

    „Кажав дека треба да се направи анализа на прагот. Повисокото оданочување на персоналниот данок треба да се воведе заради социјална правда во државата. Луѓето кои земаат повисоки примања треба повеќе да бидат оданочени, бидејќи имаме голем дел од населението што се бори за дневна егзистенција и мислам дека треба да се направи некоја социјална правда во тој смисол“, кажа Анѓушев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира