Промена на пол на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ќе се прави на скопските клиники, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче на регионалната конференција за правата на ЛГБТ. Според пресметките на ФЗОМ, овие операции чинат околу 15 илјади евра.
„Овие операции досега се правеа приватно, или во странство или во нашите приватни болници. Отсега тоа ќе биде на товар на ФЗОМ“, рече Филипче.
Тој вели дека на располагање ќе биде врвен српски хирург, кој како уролог ќе биде ангажиран на Клиниката за детска хирургија каде ќе врши комплексни оперативни процедури за што пациентите претходно ги праќале во странство, а кој од претходно е ангажиран како визитинг професор на Медицинскиот факултет.
„Освен што е уролог е и врвен хирург за промена на пол и ќе се искористи неговото знање и експертиза и вакви процедури да им бидат достапни на нашите граѓани. Наскоро, на Клиниката за урологија ќе се основа и ново одделение за уролошко-реконструктивна хирургија и таму ќе работи еден наш колега, кој со години се едуцира во оваа област. Се надевам дека во следниот период кога и административните процедури ќе бидат завршени тоа одделение и официјално ќе почне да функционира“, рече Филипче.
На 17 јануари годинава, трансродовото лице Икс родено во Македонија во 1987 го доби првиот спор против Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, оти не можело административно да го смени родот „женско“ (ж) во „машко“ (м), зашто немало целосна операција на полот. Адвокатката Наташа Бошкова од Коалиција Маргини, која го застапува овој случај пред судот во Стразбур, тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека паралелно со битката за носењето на законска регулатива за промена на идентитетот, односно родот и единствениот матичен број кај трансродовите лица, таа и тимот со години водат битка и хормонската терапија да им биде покриена од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).
„Се бориме барем за хормонската терапија да не мора овие лица да одат во Белград. Тие на свој трошок патуваат и во Белград ја примаат терапијата која им помага и ги одржува трансродовите лица во трансформацијата. Услови за промена на полот тука во Македонија сè уште нема. Операциите (делумни или целосни) се прават приватно, на клиника во Белград“, рече Бошкова.
Говорот на омраза кон ЛГБТ луѓето е голем, но и поддршката е голема, рекоа претставниците на граѓанските здруженија.
„Јас со мојата девојка не можам да се држам за рака, во институциите сè уште ме преиспитуваат околу мојот идентитет“, рече Биљана Гинова од ЕРА.
Претставничката од Совет на Европа Елени Цецеку рече дека тие не бараат права над другите граѓани, туку да можат како и сите останати граѓани да ги уживаат основните човекови права.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека организирањето на првата регионална конференција за правата на ЛГБТ луѓето е во функција на искоренување на дискриминацијата и дека Министерството финансира шелтер центар за овие лица.
Е. БОЧВАРОСКА