Граѓанското здружение Протестирам најави дека од вечерва повторно ќе се организираат протести низ Скопје, со почеток во 18 часот пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство.
По паузата поради продолжениот викенд поради Велигден и Први мај, активистите на Протестирам вчера се придружија на Второмајскиот протестен марш што го организираше Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за работнички права, потпишана од десет синдикати и други организации. Најавуваат дека протестите во наредните денови ќе се интензивираат.
Неколку од најактивните демонстранти, меѓу кои и лидерите на Левица и студенти остануваат во домашен притвор, откако пред празниците Кривичниот совет на Скопскиот основен суд им го продолжи притворот за уште 30 дена, на барање на јавниот обвинител.
Вчера попладне Меѓународната кризна група, влијателна невладина организација со седиште во Брисел ја стави Македонија на светската мапа на кризни жаришта заедно со Авганистан, Бангладеш, Гамбија, Ирак, Нагорно-Карабах (Азербејџан), Република Конго и Сирија.
Меѓународната кризна група беше многу активна во Македонија за време на конфликтот во 2001 година.
Нема ништо ново ни на политичката сцена што би дало надеж за излез од кризата. Вчера од Брисел за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека еврокомесарот за проширување Јоханес Хан нема испратено никакво ново писмо до четирите лидери на партиите, како што викендов објавија повеќе медиуми во Македонија. Нова лидерска средба не е закажана.