ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ

    ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИОд Министерството за финансии велат дека досега се завршени 90 отсто од градежните работи (Фото: СДК.МК)

    Градежните работи на пругата Битола-Кременица ќе завршат до крајот на годината, вели Министерството за финансии. Со изградба на оваа делница од железницата Битола ќе се поврзе со Грција.

    „Според податоците на изведувачот, досега 90 отсто од градежните работи се веќе завршени. Пругата е со должина од 17 километри. Веќе се веќе изградени девет мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и нова зграда за сигнализација и телекомуникации во областа Жабени. Поставени се нови шини и прагови во должина од 18 километри, како и нов оптички кабел во иста должина“, велат од Министерство за финансии.

    До крајот на годината, треба машиниски да се регулира нивото на колосекот на проектираната висина, да се доградат патните премини, да се доврши магацинот во Жабени и да се постави опремата за сигнализација и телекомуникации.

    „Градежните работи на пругата од Битола до Кременица почнаа во февруари годинава, а изведувач е „Штрабаг Реил Гмбх“ во конзорциум со „Штрабаг АГ“ од Австрија. Вредноста на потпишаниот договор 17,1 милиони евра. Договорот со претходниот изведувач од Бугарија беше прекинат во 2016 година, поради слаба реализација на проектот“, велат од Министерството.

    Шест милиони евра се грант од Европската унија, а 11 милиони евра се од буџетот на Република Македонија.
    Во мај годинава, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при посета на Жабени каде се гради пругата, кажа дека со изградба на оваа делница ќе се обезбеди брз пристап со железница од Пелагонија до Солунското пристаниште во Грција.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира