ПРВАЧИЊАТА ОСТАНАА БЕЗ ПИСМЕНОСТ, ТИНЕЈЏЕРИТЕ БЕЗ СИМПАТИИТЕ, СИТЕ ЕДВАЈ ЧЕКААТ ДА СЕ ВРАТАТ МЕЃУ ВРСНИЦИТЕ, ВЕЛИ УЧИЛИШНИОТ ПСИХОЛОГ АНА ПОПРИЗОВА

    ПРВАЧИЊАТА ОСТАНАА БЕЗ ПИСМЕНОСТ, ТИНЕЈЏЕРИТЕ БЕЗ СИМПАТИИТЕ, СИТЕ ЕДВАЈ ЧЕКААТ ДА СЕ ВРАТАТ МЕЃУ ВРСНИЦИТЕ, ВЕЛИ УЧИЛИШНИОТ ПСИХОЛОГ АНА ПОПРИЗОВАСо коронакризата децата и адолесцентите се прилично погодени, социјалното дистанцирање и седењето дома, изолирањето предизвика фрустрации кај децата и младите и чувство дека нешто им е ускратено, вели психологот Ана Попризова; - Деца трчаат низ фонтаната на скопскиот Плоштад Македонија. (Фото: К. Попов)

     

    Какви последици ќе има несоцијализацијата, неспортувањето, физичкото отсуство од училиште по менталното здравје и по развојот на децата и учениците, е едно од прашањата кое се актуелни изминатиов период, со оглед на тоа дека е неизвесно кога децата, учениците, студентите, кои од 10 март се дома, ќе се вратат во градинките, училиштата и факултетите. Секојдневно расте вознемиреноста и кај родителите, и кај децата и кај наставниците дали од 1 септември ќе се вратат во клупите или наставата ќе продоложи онлајн, како што заврши на 10 јуни.

    Во секојдневието полно со раст на бројката новозаболени од ковид-19, бројките на починати и оздравени, поразговаравме за менталното здравје на учениците со училишниот психолог од скопската гимназија „Орце Николов“ Ана Попризова, која е и претседателка на Активот на стручните служби на средните училишта на Град Скопје.

    Попризова вели дека затворањето на училиштата ги ограничи можностите за близок човечки контакт, и ова може да има штетно дејство на здравјето и добросостојбата на учениците. Децата и адолесцентите се прилично погодени, вели таа, социјалното дистанцирање и седењето дома/изолирањето предизвика фрустрации кај децата и младите и чувство дека нешто им е ускратено.

    „Децата ги прекинаа контактите со своите врсници. Поради возраста не знаат да ги артикулираат потребите за друштво, а се ускратени за физички контакти или комуникација преку социјални мрежи. Затоа се прилично осамени. Кај најмалите изостанува секојдневната заедничка игра во градинките која е основа за когнитивен, емоционален и социјален развој на децата. Кај првачињата состојбата е исто така загрижувачка бидејќи е попречен процесот на описменување, усвојувањe на однесувања значајни за училишниот живот, контактот со наставниците и соучениците. Кај адолесцентите пак, замислете дека само што сте добиле возачката дозвола, или сте си сретнале симпатија и сте се вљубиле, сте смислиле модел за матурски фустан, ви оди одлично во спортскиот клуб, сте уплатиле патување кај другарот во странство – одеднаш, наместо сите тие можности и планови, имате забрана за излегување и сте заглавени со вашите родители во ограничениот простор на вашиот дом“, вели Попризова.

    Ана Попризова е и претседателка на Активот на стручните служби на средните училишта на Град Скопје. (Фото: Приватна архива)

    Покрај ова разочарување од пропаѓањето на сите можности, настани, социјалното дистанцирање интерферира со основните развојни потреби на децата и адолесцентите, кои потекнуваат од еволутивниот развој на човекот и се поврзани со стекнување (освојување) на независност од родителите и развивање на интензивна зависност од врсниците. На пример, биолошките промени кои се случуваат во адолесценцијата, како што е покачувањето на нивото на окситоцинот, резултира со задоволство од социјални контакти. Секое пријателство, кај адололесцентот го возбудува (инервира) нервниот систем, мозокот и се активираат центрите за награда и се доживива како награда. Затоа и за разлика од другите возрасни групи, адолесцентите типично имаат потреба да се движат во групи на свои врсници и да минуваат многу време заедно. Истражувањата укажуваат дека средношколците двојно повеќе време минуваат со врсници отколку со родители или други возрасни.

    „Но, ковид-19 не се грижи за социјалните и бихејвиоралните потреби на децата и адолесцентите. Наместо тоа, социјалното дистанцирање многу лесно ги отфрла овие развојни обрасци на начини кои можат да предизвикаат проблеми со здравјето, однесувањето и училишниот успех на учениците, како на пример: изолацијата може да предизвика психолошки притисок/проблеми. И без коронакризата, кај децата и адолесцентите многу често се појавуваат анксиозност или депресивно расположение. Додадено на ова, социјалната изолација може да предизивика микс од различни ментални нарушувања. Колку детето или адолесцентот полошо ја толерира неизвесноста, толку повеќе ќе се јавува анксиозноста кај него поврзана со пандемијата“, истакнува Попризова.

    Според неа, типичен начин на загрижување или застрашување („Што ако…?“) и дадените одговори се разгрануваат на многу гранки на стравови, па потоа единката не може да се насочи на еден проблем и негово решавање. Типични стравови се: Дали сум безбеден? Дали моите блиски се безбедни? Како ќе влијае оваа ситуација на мојот живот? Како ќе го промени? Што ќе се случи ако се разболам? Што ќе се случи ако починат моите блиски? Додатно се загрижени и ако родителите или блиските се медицински лица, вели таа.

    Попризова вели дека недостатокот на комуникација во живо може негативно да влијае врз социјалните вештини кај децата и адолесцентите, вклучувајќи и намалено препознавање и разбирање на невербалните емоционални изрази. Ова трајно ќе го измени начинот на кој што тие деца ќе комуницираат и ќе влијае на нивната социјална интелигенција.

    „Колку можете да процените како се чувствува некој од изразот на лице прекриено со маска, или од бојата на гласот кај некој кој носи маска преку лицето при вербална комуникација, или кога не можете да се поздравите или прегрнете со некого и сличо? Без дружење со пријатели, досадата може да предизвика-отвори врата за ризичните однесувања, зголемено конзумирање алкохол, дрога и слично. Со цел да најдат извор на стимулација, извртувањето и прекршувањето на правилата може да се доживее како можност да се почувствува возбуда и независност од родителите кога не е можно тоа во реалниот живот, бидејќи се во присуство на родителите. Конечно, без онаа типична комуникација со соучениците и училишната клима која го развива, исто така и мотивот за постигнување и постигнувањето на учениците се зафатени. Со оглед на тоа што минувањето на време и другарувањето со врсници е една од причините што тинејџерите едвај чекаат да одат на училиште, академската мотивација може значително да се намали, да се намалат и барањата на наставниците. Бидете свесни дека учениците не се само изолирани од своите другари, туку и од просторите во кои живееле“, вели Попризова.

    Ја прашавме дали од разговори со колеги и ученици, има сознанија за тоа како се чувствуваат децата и учениците во изминативе месеци, а таа ни наведе изјави на ученици од едно истражување спроведено со ученици од Скопје од основно и средно образование во перидот на изолација за тоа како се чувствуваат во услови на коронакризата.

    „Зборувам со другарките на Вајбер, но се чувствувам осамено затоа што не се дружам во живо,“ – 11 години.

    „Ме фаќа носталгија за училиштето и часовите,“ – основно образование, 13 години, момче.

    „Се чувствувам изгубено, не се гледа крајот на оваа ситуација, но од друга страна се навикнуваме пополека, па во последен период сум посмирена“, – 15 години, девојче.

    „Имам чувство како да сум во апокалиптичен филм, како да нема крај сето ова, мене ми изгледа надреално, а кога сум дома чувствувам клаустрофобија,“ – 15 години, момче.

    „Полесно си ги поправам оцените“, – 15 години, момче.

    „Научивме да бидеме подисциплинирани за да се подобри општото добро –лична хигиена е прашање на лична одговорност,“ – 15 години, момче.

    „Имам страв да не почине некој што го знам, што ми е близок,“ – 15 години, девојче.

    „Најтешко ми паѓа семејството – тоа што не можам да ги гушнам баба ми и дедо ми со кои многу сум блиска,“ – 15 години, девојче.

    „Ми фали клупата во двор во школо, каде што седевме на одмор,“ –  15 години, девојче.

    Попризова вели дека недостатокот на комуникација во живо, може негативно да влијае врз социјалните вештини кај децата и адолесцентите, вклучувајќи и намалено препознавање и разбирање на невербалните емоционални изрази. (Фото: К. Попов)

    Гледано од здравствен аспект, последниот збор за тоа кога ќе се вратат децата во училишните клупи, ќе го кажат Комисијата за заразни болести и Министерството за образование, но ја прашавме Попризова кое е нејзиното мислење за долгорочното изолирање на децата и скратувањето на нивното право на нормално образование?

    „Ќе видиме какви мерки и препораки ќе бидат предложени од стручните органи. Во моментов, во јавноста доминираат неколку различни погледи. Од една страна, родителите се вознемирени од можноста да се продложи со онлајн работа на училиштата. Нивните агрументи се многубројни во насока на започнување на наставата во нормални услови и во голем дел издржани. Факт е дека голем терет понесоа родителите во онлајн наставата. И тоа без никаква поддршка. Од друга страна, училиштата се обидоа да се снајдат како знаат и умеат, најмногу со импровизирање, со делумни познавања на компјутерска технологија и методолошка и техничка поддршка“, вели Попризова.

    Според неа, одговорните институции исто така делумно дадоа поддршка со свои протоколи. Загрижува неизвесноста, вели таа,  што на крај од јули нема прецизни информации и насоки за тоа што ќе се случува во септември. Бидејќи се оддолжува времетраењето на изолацијата, наставниците ќе станат сè поважни за да го следат менталното и физичкото здравје на своите ученици.

    „Без разлика дали тоа ќе е преку редовни онлајн часови или друг вид активности поврзани со наставата, потребно е да сме свесни дека наставникот ќе треба да научи и да развие начини на давање онлајн поддршка, во насока на поддршка на учениците за зачувување на менталното здравје. Конечно, со оглед дека личниот стрес на наставниците може да ја наруши благосостојбата на учениците, неопходно е наставниците да се грижат за себе и своите блиски за да можат да го промовираат учењето кај учениците и од академски и социјално-емоционален аспект. Сметам дека ова ги засега сите земји и се развиваат различни модели. Нашиот модел треба да ги земе во обзир нашите училишта, ученици, наставници и родители, како и општествениот контекст и степенот на свесност и одговорност на граѓаните“, вели Попризова.

    Таа кажува дека остануваат неодговорени прашањата како училиштата ќе обезбедат редовност на учениците (и онлајн и со физичко присуство), како ќе се делегира одговорноста од родителите на училиштата, како ќе се санкционира непочитувањето на регулативата (на пример, неносење маска од страна на ученици или наставници), како ќе се проверува здравствената состојба и слично.

    Од Министерството за образование и наука (МОН) ни рекоа дека во однос на начинот на кој ќе се организира следната учебна година, формирана е работна група со претставници од повеќе засегнати и релевантни институции кои изготвиле сеопфатен акциски план кој дава одговор на две суштински прашања, односно нуди неколку предлог модели на организирање на наставата (настава по скратени наставни програми, скратена учебна година, редуцирање на бројот на ученици во училниците, работа во смени, настава преку далечинско учење и слично) и второ, содржи протоколи како и на кој начин да се заштитат учесниците во воспитно-образовниот процес ако се одлучи наставата да се реализира на еден од начините со физичко присуство на учениците во училиштата (организирање и одржување хигиена на просторот во училиштето, препораки за однесување и лична хигиена на учениците, препораки за наставниците, држење дистанца и слично).

    „Акцискиот план се разгледува дополнително и по завршување на сите потребни консултации, финално усвоената верзија ќе биде достапна за целокупната јавност“, е последната информација од МОН.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари