Првата пациентка од Дебар која беше хоспитализирана на 7 март на Инфективната клинка е поставена на апарат за вештачко дишење и ја прима соодветната терапија, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
Пациентката и нејзиниот сопруг од Дебар беа први заразени со коронавирус, а вкупно досега од овој град се заразени 11 пациенти. На Инфективната клиника во Скопје е сместена и поранешната директорка на Клиниката за кожни болести, а првата заболена пациентка е целосно оздравена и в понеделик ќе биде пуштена дома.
Во моментов, рече Филипче, се очекуваат да дојдат во Скопје четворицата заразени пациенти од Дебар, меѓу кои има и едно 15-годишно момче, и сите имаат лесна форма на болеста.
Се тестираат девет лица, од кои шест од Дебар, еден странец кој се пријавил преку Центарот за јавно здравје од Битола и двајца пациенти кои патувале во Шпанија.
Од тие шест, четири лица биле во контакт во втората група на заразени, а превентивно се тестираат и епидемиолог и лаборантски техничар.
Б. НЕСТОРОСКА