ПРВИЧНИТЕ СОЗНАНИЈА ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА СЕ ОЧЕКУВААТ ДЕНЕСКА

    ПРВИЧНИТЕ СОЗНАНИЈА ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА СЕ ОЧЕКУВААТ ДЕНЕСКАОсновното јавно обвинителство вчера соопшти дека превртениот автобус е стар 18 години и регистриран годинава, а возачот не бил под дејство на алкохол и дрога. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека првичните сознанија од истрагата за автобуската несреќа се очекуваат денеска откако вчера заврши увидот на местото на несреќата кај скопското селото Ласкарци.

    „Истрагата трае, Во увидот беа вклучени професори од машински факултет, припадници на МВР, исто така од Бирото за судски вештачења под водство на надлежниот јавен обвинител. За утре ќе можеме да очекуваме првични сознанија околу аспектите кои што ги гледа истрагата“, изјави синоќа Спасовски во гостувањето во дневникот на телевизијата „1ТВ“.

    Тој рече и дека се покренати пет постапки за говор на омраза и се поднесени соодветни пријави до јавните обвинителства во Скопје, Струмица и Куманово, а МВР работи на детекција на други профили на социјалните мрежи од кои се шират говори на омраза.

    Претходно, МВР соопшти дека е утврден идентитетот на 14-темина загинати во автобуската несреќа, која што се случи завчера околу 17 часот на автопатот Скопје – Тетово, кога автобус сопственост на „Дурмо турс“ со гостиварски регистарски ознаки, управуван од М.Т. (49) од Гостивар излета од патот. Станува збор за: Ј.Т. (25) од Гостивар, О.С. (19) од Гостивар, Б.А. (21) од Зубовце, Врапчиште, З.Д.(38), А.И. (25) од Гостивар, Б.Ф. (38) од Сенокос, Врапчиште, Б.У. (20) од Долна Бањица, В.Х. (29) од Дебреште, Гостивар, А.Р.(33) од Дебреште, Гостивар, Д.Р.(38) од Гостивар, П.К.(23) од Гостивар, А.А.(55) од Железна Река, Гостивар, Е.Е.(65) од Гостивар и Т.Ј. (62) од Гостивар.

    Повредени се 37 лица, од кои 29 се лекуваат во Градската општа болница „8 Септември“, шест се во Клиничкиот центар, а двајца пациенти се во Тетовската болница.

    Од Основното јавно обвинителство вчера рекоа дека Интензивно работат на утврдување на сите детали кои можат да ги откријат причините за несреќата.

    „Автобусот на компанијата ’Дурмо турс‘, кој преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е подигнат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Заради правилно утврдување на фактите, денеска на местото на несреќата беше присутна и екипа на Машинскиот факултет која ги направи првите проверки на исправноста на возилото. Од досегашните сознанија, утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година“, соопшти ОЈО Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира