ПРВИОТ ВОЗ СО ПОВРЕДЕНИ ЗАМИНА ОД РАЗРУШЕНО СКОПЈЕ ЗА ВЕЛЕС ЧАС И ПОЛ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, НО ЗА ТОА НЕМА ЗАПИС

    ПРВИОТ ВОЗ СО ПОВРЕДЕНИ ЗАМИНА ОД РАЗРУШЕНО СКОПЈЕ ЗА ВЕЛЕС ЧАС И ПОЛ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, НО ЗА ТОА НЕМА ЗАПИСМашиновозачот Илија Тончаровски ја управувал првата железничка композиција со која успеал да ги превезе првите повредени и болни од Скопје во Велес веднаш по земјотресот утрото на 26 јули 1963. Тончаровски почина пред 4 години, но неговата приказна не е запишана во ниедна железничка книга или монографија (Фото: СДК.МК)

    Додека скопјани се  уште во паника трчале низ градските улици утрото на 26 јули 1963, кога Скопје го разори страотен земјотрес, велешанецот Илија Тончаровски ја организирал првата железничка композиција која со повредени лица го напуштила разрушениот град. Моментот за првиот железнички транспорт на луѓе од разурнатото Скопје не е запишан во ниту една железничка книга, ниту во некоја монографија за градот. Од разурнувањето минаа 55 години, а Илија пред да почине пред четири години, јавно ги раскажа моментите од страшното јулско утро во 1963.

    „Ноќта во 3 часот заминав за Тетово, каде што возев локал со работници, кој веднаш се враќаше назад за Скопје. Бевме на железничката станица во Ѓорче Петров, беше пет и нешто утрото кога почувствувавме силно дрмање на возот. Помислив дека некој ме удрил одзади, а кога се симнав видов луѓе што бегаа од зградата на станицата и викаа ‘земјотрес, земјотрес’. Од објектот на железничка во Ѓорче паѓаше малтер и се рушеше“, се сеќаваше Илија како го доживеал земјотресот.

    „Бевме на железничката станица во Ѓорче Петров, беше пет и нешто утрото кога почувствувавме силно дрмање на возот. Помислив дека некој ме удрил одзади, а кога се симнав видов луѓе што бегаа од зградата на станицата и викаа ‘земјотрес, земјотрес’. Од објектот на железничка во Ѓорче паѓаше малтер и се рушеше“, се сеќаваше Илија како го доживеал земјотресот (Фото: СДК.МК)

    Веднаш продолжил кон центарот на градот, го минал мостот над Вардар иако стравувал дали тој по потресот ќе го издржи товарот на возот. Кога стигнал во градот, Илија видел слика што никогаш нема да ја заборави.

    „Скопје беше  завиткано во прашина. Слабо се гледаше, а од тоа што можеше да се види, се наѕираа луѓе растрчани во паника. Особено ја паметам сликата кај ‘Нова Македонија’. Стотици болни бегаа од болницата, некои во завои, некои со патерици, сите што можеле ја напуштиле зградата. Стигнав на третиот колосек на старата главна станица, каде што немаше службени лица од железницата“, раскажуваше Тончаровски.

    Бидејќи имал сестра што живеела во Скопје, решил да провери што е со нејзината фамилија и тргнал кон нејзиниот дом. Се сеќаваше дека кога минувал покрај разрушената Пошта, една бабичка го проколнувала да помогне во расчистувањето на нивната куќа, бидејќи таму бил нејзиниот внук. Не можел да не се одѕве на молбите и со друг минувач почнале да ги расчистуваат купиштата бетон. Под блоковите наишле на кауч и под него пет-шестгодишно дете. Било живо, за среќа. По ова спасување се откажал од намерата да оди кај сестра си и се вратил на Железничка станица. Таму веќе се собрале многу повредени и болни. На станицата имало неколку железничари, контролор и кондуктер, па сите заедно, сосе Илија, предложиле да се организираат и шинобусот да тргне кон Велес.

    „Проблем беше комуникацијата, бидејќи сѐ беше во прекин. Решивме да тргнеме со ризик и да возиме внимателно. Од станица до станица возевме полека, тргнавме околу 7 наутро, а во Велес стигнавме по 90 минути. Во шинобусот имаше точно 28 повредени луѓе, најтешко  беше  една девојка со отворена скршеница на ногата“, кажуваше Илија.

    Некој од неговите колеги имал лимони и со нив ги освежувале повредените. Во Зелениково телефонските линии функционирале, па се јавиле во Велес за да ги пречекаат. Кога стигнале, на велешката железничка  станица имало многу доктори и коли на брза помош, кои веднаш ги прифатиле повредените.

    Пред 10 години години, тогаш 70-годишниот Илија Тончаровски кој во Македонски железници работел како машиновозач,  залудно барал некој збор во пишаните документи за овој транспорт на повредените, прв во разрушеното Скопје , но никаде ништо не било споменато. Затоа, уште додека беше  жив сакаше јавноста да биде запознаена со првиот шинобус што превезол болни и повредени лица од срамнетото Скопје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира