„РАБОТНИЦИТЕ СЕ ДРЖАВАТА“ – СИНДИКАТИТЕ СО ПРОТЕСТИ НА 1 МАЈ ПОРАДИ НЕПРАВДИТЕ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ КОН РАБОТНИЦИТЕ

    „РАБОТНИЦИТЕ СЕ ДРЖАВАТА“ – СИНДИКАТИТЕ СО ПРОТЕСТИ НА 1 МАЈ ПОРАДИ НЕПРАВДИТЕ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ КОН РАБОТНИЦИТЕОд ланскиот протест на Денот на трудот, 1 Мај во Скопје. (Фото: К. Попов)

    „Работниците се државата“ е насловен протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на Денот на трудот – 1 Мај, во 12 часот пред зградата на ССМ. Протестот, како што велат тие, се организира поради неправдите кон работниците.

    Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) денеска на прес-конференција најави дека задутре ќе учествува и на протестот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) од 10 часот, и на протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија од 12 часот. Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески рече дека тоа го прават бидејќи сега не е време за поделби.

    „Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 проценти или по 2.000 денари дневно, воведувањето на 12-часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството!“, порачува ССМ во повикот за учество на протестот.

    „Ние не сакаме за 1 Мај да заземеме страна, да поддржиме еден синдикат или другиот на протестите, оставаме сите членови и граѓани да се приклучат секој доброволно каде што мисли согласно слободното време“, рече Ристески, додавајќи дека тој лично ќе присуствува и на двата синикални протести.
    Тој додаде дека овој пат нема да се дозволи да се потпише колективен договор каде што одреден број на работници ќе добиваат К-15, а одреден број нема да добие.

    Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев, пак, порача дека КСОМ нема да дозволи, како што рече, така лесно да помине и 60 работни часа да биде работното време на еден работник во иднина.
    „КСОМ уште пожестоко ќе ги води работите се со цел заштита на правата на работниците. КСОМ овој пат крајно умерено меѓутоа со остра намера на Владата и порачува да не си играат со работниците“, кажа тој.

    На прашањето на што се должат поделбите меѓу синдикатите, Ристески одговори дека мислеле оти овој пат сите ќе бидат заедно и потенцираше дека ова е нивниот последен обид да се сфати дека не е време за докажување и за правење паралелни протести. Додаде дека на 1 Мај ќе пратат апел до двата синдиката за да пробаат дали може да настапуваат заеднички.

    На прашањето зошто сѐ уште се чекаат протести за 1 Мај кога функционерите веќе 80 проценти ги покачија платите и дека освен изјави преку медиуми нема никаква реакција околу тоа, Ристески рече дека  сѐ ушт се преговара за Општиот колективен договор кој не е потпишан.

    „Сѐ уште преговараме за Законот за работни односи. Се надеваме дека Владата и работодавачите ќе сфатат сериозно и да го потпишеме колективниот договор. Тука е и методологијата за плата, значи го кажавме нашиот став – нема да попуштиме, бараме истата методологија како што ги покачија и тие платите“ рече Ристески.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира