РАЗГОВАРАМЕ И ЗА ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ НА УЧЕНИЦИТЕ ДО 10 ГОДИНИ, НО СПРЕМАЈТЕ СЕ СИТЕ И ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА, ВЕЛИ ЦАРОВСКА

    РАЗГОВАРАМЕ И ЗА ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ НА УЧЕНИЦИТЕ ДО 10 ГОДИНИ, НО СПРЕМАЈТЕ СЕ СИТЕ И ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА, ВЕЛИ ЦАРОВСКАНовата учебна година ќе почне на 1 октомври, но сѐ уште нема конечна одлука во која форма за учениците од прво до трето одделение. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерката за образование Мила Царовска денес кажа дека во тек е дискусија со Министерството за труд и социјална политика и со Комисијата за заразни болести во врска со можноста за евентуално отворање на дневните престои за децата од пониските одделенија.

    Родителите на децата до 10 години деновиве реагираат на одлуката зошто нема дневен престој, откако Владата одлучи сите родители на деца до 10 години, да се вратат на работа. Последните информации се дека учениците од прво до трето одделние ќе имаат настава со физичко присуство од 1 октомври, иако, како што кажа и вчера и денес министерката, тоа ќе зависи од епидемилошката состојба. Таа апелираше дека независно од конечната одлука, сите треба да се подготвуваат за онлајн настава.

    „Се прават дискусии и со Комисијата за заразни болести и со Министерството за труд и социјална политика, заради можноста децата да добијат одредена заштита по завршување на часовите. Штом ќе има конечна информација ќе бидете известени“, рече Царовска.

    Царовска денес заедно со премиерот Зоран Заев ја претстави Националната платформа за онлајн учење која ќе се употребува во новата учебна година. Според Царовска, периодот што следи дека нема да биде лесен за никого, ниту за професорите, ниту за учениците, ниту за родителите, затоа што промените се секогаш тешки, а прилагодувањето бара огромна жртва од секого.

    „Јас сум убeдена дека моделот кој што го избравме ќе биде баланс на добро образование и заштита на јавното здравје. Платформата ќе биде предизвик за сите, но уверена сум дека секој ќе го совлада работењето на неа и дека сите ќе ја сакаме истата. Таа е практична, лесна за користење и прилагодена за сите кои ќе ја користат. Националната плаформа ќе биде многу повеќе од добра замена на традиционалното учење. Ученикот преку компјутер, мобилен телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот и обратно. Дополнително, ученикот ќе може да ги користи сите поставени аудио и видеоматеријали и да ги изработува домашните задачи и наставата нема да биде здодевна“, објасни Царовска.

    Според најавата, платформата ќе има брзи квизови, брзи тестови и други содржини кои што ќе бидат поставени на неа, а исто така учениците ќе може да предлагаат надоградување и менување на платформата, па така тие директно ќе се вклучат во изработка на материјалите кои ќе сметаат дека се прилагодени на нив.

    Според проценките на Министерството за образование и наука (МОН), 40 илјади деца во земјава немаат пристап до електронски уред за следење на наставата. Царовска кажа дека тоа е затекната состојба, дека  пристап до интернет може да се овозможи, но дека државата не може да обезбеди толку уреди за секое дете.

    „Затоа се предвидува 15-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Македонската радиотелевизија, на посебни канали кои се обезбедени, за да може секое дете да има пристап до наставните материјали. Дополнително, училиштата ќе имаат обврска да ги испечатат потребни материјали и да се достават до секое дете преку родителите, а потоа да се вратат назад за да се оценат“, рече Царовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира