Холандија смета дека Северна Македонија е подготвена за почеток на преговорите за влез во ЕУ, и покрај другите внатрешни размислувања во ЕУ, на кои Македонија не може да влијае. Холандскиот амбасадор во Македонија Дирк Јан Коп во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека „Холандија е за тоа на Северена Македонија да ѝ биде даден датум за почеток на пристапни преговори со Европската унија“.
„Токму затоа сме разочарани што Европскиот совет не успеа да го даде датумот. Сепак, нашата цел, и нашата порака, нашата намера и нашиот проект остануваат исти: да се приближи Северна Македонија сè поблиску и поблиску до ЕУ и во извесен момент и да влезе во неа. Убеден сум дека тој момент не е премногу далеку. Ако ништо друго, ова времено одложување укажува дека треба да ги дуплираме напорите за да ја направиме Северна Македонија уште поподготвена. Реформите мора да продолжат и, сè повеќе, треба да се претворат од добри намери и здраво законодавство во вистинска практика на теренот. Во овој процес, Северна Македонија е активен учесник и партнер, прво и основно за да ги подобри животите на своите граѓани“, вели амбасадорот Коп.
Што се однесува до процесот за внатрешни промени во ЕУ на методологијата за зачленување која ја предлага Франција, Коп вели дека „иако ова не е место да се дискутира вредноста на планот на Франција, јасно е дека ова е процес во кој Северна Македонија може да биде само посматрач, не и активен учесник“.
„Затоа, нашата позиција останува дека Северна Македонија е подготвена за почеток на преговорите за влез во ЕУ, и покрај другите внатрешни размислувања во ЕУ, кои се вон нејзина контрола“, вели амбасадорот Коп во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК.