РАЗРЕШУВАЊЕТО НА ЗВРЛЕВСКИ ДЕНЕСКА ПАК ВО СОБРАНИЕ

    РАЗРЕШУВАЊЕТО НА ЗВРЛЕВСКИ ДЕНЕСКА ПАК ВО СОБРАНИЕШестата собраниска седница на чиј дневен ред е разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски беше прекината на 12 јули (Фото: СДК.МК)

    Продолженето на двапати прекинатата шеста собраниска седница, на која на дневен ред уште од петти јули годинава е поставена точката за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски, закажано е за денеска во 11 часот.

    Зврлевски двапати доаѓаше да се соочи со разрешувањето. Но, поради несогласувањето и блокадите на 10-темина координатори на расцепканата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кои успеаја да го доближат разрешувањето со 15-те ексклузивни денови во месецот кога Собранието работи само на ребалансот на Буџетот, Зврлевски остана на функцијата повеќе од еден месец од денот кога беше покрената иницијатицвата за неговата смена.

    Зврлевски се најде на седница за разрешување од функцијата по иницијатива на Владата, една година и пет месеци пред истекот на шестгодишниот мандат. Тој беше избран на 24 јануари, 2013.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери продолжението на шестата седница го закажа вчера околу пладне, откако ги распиша локалните избори, кои треба да се одржат на 15 октомври годинава. Иако опозиционата ВМРО-ДПМНЕ имаше прес-конференција, не ја коментираше денешната седница за разрешувањето на Зврлевски. Поголемиот дел од пријавените дискутанти од партијата на Никола Груевски, со бесконечни реплики на репликите меѓу себе, го поминаа редот на собраниската говорница. Тие од владејачкото мнозинство се откажаа од дискусиите, за да оди работата побрзо. Останаа помалку од 10 пријавени пратеници за дискусија околу разрешувањето на Марко Зврлевски. Не се знае каква ќе биде нивната тактика утре и дали воопшто ќе прават блокада и натаму на седницата за смена на Зврлевски.

    Пратениците од СДСМ, кои  минатата недела ветуваа дека нема да одат на одмор додека Парламентот не го разреши државниот обвинител, денеска со поинаква реторика.

    „Очекуваме од пратениците на опозицијата свест и разум на ниво и да го разрешиме Зврлевски. Не дека СДСМ запнал да го разреши. Туку дека е од суштинско значење за нашата држава да почнат и да се истераат докрај реформите во судството. Очекувам дека од осми август веќе ќе почне процедурата за избор на нов Јавен обвинител на Македонија“, ги повика вчера колегите од опозицијата координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

    По разрешувањето на Зврлевски, Собранието тоа треба да распише оглас за избор на нов јавен обвинител. Целата процедура ќе ја тера комисијата за избори и именувања на чело со претседателот Илија Димовски. За кандидатот кого ќе го избере комисијата како најдобар, мислење потоа ќе бара од Советот на јавни обвинители. Ако тој кандидат добие позитивно мислење од Советот, дури тогаш оди на гласање пред пратениците.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира