Рестораните за свадби ќе добијат неповратна финансиска помош од државата во износ од еден милион евра со ребалансот на буџетот на 2020 година, за кој се расправа во Собранието. Со предложениот ребаланс, предвидени се 880 илјади евра за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од ковид-19.
Милионот евра за рестораните за свадби е дел од владината програма за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби, чија вкупна вредност е 5,5 милиони евра. Овие грантови, пак, се дел од четвртиот пакет мерки за помош на стопанството во износ од 470 милиони евра.
Грантовите за рестораните за свадби се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година. Грантови треба да добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од еден милион евра.
Министерството за здравство со ребалансот ќе добие 4 милиони евра, во кои влегуваат и 880-те илјади евра за награда на здравствените работници кои се борат против ковид-19. Остатокот е предвиден за набавка на лекот Ремдесивир, набавка на вакцини, тестови за ковид-19 и за други потреби на јавните здравствени установи.
За предложениот ребаланс се дискутираше изминативе три дена на пленарна седница во Собранието, а расправата, која треба да трае 5 дена, продолжува утре во 11 часот.
Со ребалансот, вкупните приходи во буџетот се проектирани на 3,2 милијарди евра, а вкупните расходи на 4,1 милијарди евра, со што дефицитот ќе изнесува околу 900 милиони евра.
М. ИЛИОСКИ