СЀ ДОДЕКА НЕ СЕ ОГРАДИТЕ ОД ОВОЈ СО ЛИСИЦИВЕ, ВИЕ НЕМА ДА ПОБЕДИТЕ НА ИЗБОРИ, ИМ РЕЧЕ КОСТАДИНОВ ОД СДСМ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    СЀ ДОДЕКА НЕ СЕ ОГРАДИТЕ ОД ОВОЈ СО ЛИСИЦИВЕ, ВИЕ НЕМА ДА ПОБЕДИТЕ НА ИЗБОРИ, ИМ РЕЧЕ КОСТАДИНОВ ОД СДСМ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕПратеникот на СДСМ Костадин Костадинов на собраниската говорница излезе со испечатена фотографија од азилантот Груевски кој утринава беше спроведен во судот во Будимпешта. (Фото: К. Попов)

    Нервоза и тензија изби во Собранието на расправата за избор на новите министри во Владата, откако разбраа пратениците дека судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира Никола Груевски.

    „Сѐ додека не се оградите од овој овде со лисициве во Будимпешта, вие нема да победите на избори. Позади вас седи Вељаноски, човек обвинет за организација на нападот и насилствата во Собранието на 27 април 2017. Дајте свртете се малку кон себе, оградете се од криминалот“, им кажа пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ на колегите од ВМРО-ДПМНЕ. Тој на говорницата излезе со испечатена фотографија од азилантот Груевски кој утринава беше спроведен во судот во Будимпешта.

    „Многу сте влезени во филм“, му одговори координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој не се огради од криминалот на Груевски.

    „А кој ви ги носи законите, кој ви обезбедува кворум?“, викаа незадоволни од место пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

    Потоа Илија Димовски го праша Заев дали е точно дека Драган Тевдовски е тргнат зашто не сакал да потпише заем за новиот клинички центар.

    „Не е точно“, му одговори од место премиерот Заев.

    Собранието синоќа ги разреши министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа Сухеил Фазлиу и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика, кој формално е министер без ресор. „За“ разрешување на тројцата гласаа 64 пратеници, а кај Фазлиу имаше и еден „против“.

    За нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Трајан Димковски, а за министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Со Министерството за култура ќе треба да раководи Хусни Исмаили, додека со Министерството за локална самоуправа Горан Милевски. За прв човек на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците е предложен Садула Дураки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира