САД И БРИТАНИЈА ТРЕБА ДА ГО ГАРАНТИРААТ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ЗА ДА СПРЕЧАТ ПУТИН ДА РОВАРИ ВО НАТО, ВЕЛИ МАГАЗИНОТ „ФОРИН ПОЛИСИ“

    САД И БРИТАНИЈА ТРЕБА ДА ГО ГАРАНТИРААТ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ЗА ДА СПРЕЧАТ ПУТИН ДА РОВАРИ ВО НАТО, ВЕЛИ МАГАЗИНОТ „ФОРИН ПОЛИСИ“Бујар Османи го потпишува Договорот од Отава, еден од фундаментите на членството во НАТО на 2 јуни во рамките на Старешкиот дијалог меѓу Македонија и САД (Фото: МНР)

    „Екстремниот бугарски национализам има една сеопфатна цел: да го негира македонскиот идентитет. Решението е САД (и сојузниците како Обединетото Кралство, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон) да склучат билатерален културен договор со Македонија што го потврдува македонскиот идентитет. Договорот би можел да биде склучен брзо според неодамна отворениот Стратешки дијалог меѓу САД и Македонија“, предлага американскиот професор Едвард Џозеф, во текстот насловен „Како Бајден може да ги спречи лојалистите на Путин во Бугарија“ објавен во магазинот за надворешна политика „Форин полиси“.

    Џозеф, кој предава управување со конфликти на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, е близок со владејачката Демократска партија на претседателот Џо Бајден, а има големо искуство со Македонија и Балканот како шеф на Меѓународната кризна група во 2001 и како заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ на Косово.

    „Клучниот текст ќе биде преземен од членот 7 од Договорот од Преспа – договор кој се почитува преку Атлантикот. Владата на САД едноставно ‘ќе признае дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик’ – токму таков идентитет што бугарските националисти сакаат да го избришат“, вели Џозеф и додава:

    „Со обезбедување силна политичка одбрана на идентитет на Македонија – слична на робусна воена помош за одбрана на територијата на една нација – Бугарија би се соочила со реалноста: бесмислената залудност на нејзината мисија. Како што Путин не може да ги убеди Украинците дека се навистина Руси, Радев и компанија не можат да бараат Македонците да го започнат процесот на предавање на својот идентитет на Бугарија“, вели Џозеф.

    Тој смета дека со тоа ќе се ослабат пропутиновите сили во Бугарија како што е претседателот Румен Радев, и дека тој ќе биде сметан за одговорен за злупотреба на ЕУ.

    Џозеф вели дека Бајден сега се соочува со катастрофа која истовремено се развива во двајца сојузници на НАТО – хаос што првично го создаде третиот сојузник, Франција.

    „Макрон беше тој што ја охрабри бугарската опструкција на прво место ставајќи го сопственото вето на ЕУ против Северна Македонија во 2019 година“, вели Џозеф.

    Тој вели дека идејата за афирмирање на македонскиот идентитет е природна за искусен политичар како што е Бајден.

    „Како претседателски кандидат во август 2020 година, Бајден објави изјава во која им ја честита на македонските Американци годишнината од Илинденското востание – што е меѓу спорните историски настани што ги влошуваат бугарско-македонските односи. Американскиот претседател Џорџ В. Буш создаде преседан во оваа сфера, кога неговата администрација (поради грчките приговори) го призна она што тогаш се нарекуваше Република Македонија со нејзиното уставно име во 2004 година, за да спречи избувлива етнонационална криза. Заедно со придобивките, официјалното потврдување на македонскиот идентитет е исто така нешто што треба да се направи – средство за запирање на малтретирањето во стилот на Кремљ од страна на еден сојузник на НАТО против помал сојузник на НАТО кој бара свое место во Европската унија“, вели Џозеф.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира