Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск му порача на претседателот Ѓорге Иванов сами да најдеме решение за политичката криза по изборите на 11 декември кое ќе биде базирано на демократските принципи, пристојноста и на здравиот разум за време на заедничката изјава по нивната тет-а-тет средба во кабинетот на Иванов. Откако ќе се најде решение, ќе добиете поддршка од Европската унија, додаде Туск.
„Продолжената криза го забавува напредување на вашата земја кон ЕУ. Решението треба да го најдете сами и тоа треба да биде базирано на демократските принципи, пристојноста и на здравиот рaзум. Само таквото решение може да биде одржливо. Кога ќе го пронајдете решението, ние ќе ве поддржиме“, кажа Туск.
Иванов, пак, рече дека неговиот став за недоделување на мандатот за формирање влада на новото парламентарно мнозинство останува непроменет.
„Мојот став останува непроменет, правната и политичката пречка мора да се отстранат. Целта на двата услова е новата влада да не биде оспорена од ниту една страна и по ниту една основа’, рече Иванов.