САМО ЏАФЕРИ ЗНАЕ КАКО ЌЕ ЈА ИЗВЕДЕ СЕДНИЦАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ

    САМО ЏАФЕРИ ЗНАЕ КАКО ЌЕ ЈА ИЗВЕДЕ СЕДНИЦАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕНа вчерашната координација на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери, тој не изнел како ќе постапи на седницата, но не ја исклучил можноста да ги отфрли амандманите. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Парламентарното мнозинство најавува дека ќе го донесе Законот за употреба на јазиците без да ги разгледа над 35 илјади амандмани кои ВМРО-ДПМНЕ ги има поднесено за законот, на денешната седница на Собранието.

    На вчерашната координација на координаторите на пратеничките групи со претседателот Талат Џафери, тој не изнел како ќе постапи на седницата, но не ја исклучил можноста да ги отфрли амандманите. На координацијата не присуствувал координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.

    Како ќе се одвива седницата и дали ќе се искористат одредби од Деловникот за одбивање на амандманите, знае само претседателот Џафери.

    Од парламентарното мнозинство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека претседателот на Собранието ќе се повика на одредбите од собранискиот Деловник, кои предвидуваат дека не може Парламентот да одлучува дали некој закон е во согласност со Уставот, и би ги отфрлил амандманите како неосновани, а незадоволните би ги упатил да покренат постапка пред Уставниот суд.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека пратениците ќе се појават во пратеничките клупи на закажаната собраниска седница за расправа за Законот за употреба на јазиците. Запрашан како ќе дејствуваат на седница, која веќе е закажана од спикерот Талат Џафери, Мицковски кусо одговори: „Нашите пратеници ќе присуствуваат на таа седница, но за понатамошните чекори ќе бидете благовремено информирани“.

    Мицкоски повика на почитување на Деловникот на Собранието, и рече оти во спротивно сето останато може да предизвика реперкусии.

    „Повикувам на почитување на Деловникот, законите, бидејќи ова не смее да се дозволи, лошо ќе влијае за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница и пред домашната јавност. За последен пат повикувам на разум да се избегне едно девијантно однесување во парламентот, насилно усвојување на овој закон и повикувам на почитување на деловникот и разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите и сите оние што ќе го поддржат во таа постапка“, рече Мицкоски, кој вчера беше во посета на општинскиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

    И премиерот Зоран Заев завчера најави дека Законот за употреба на јазиците треба да се донесе оваа недела во Собранието.

    „Знаете дека 9 месеци е отворена дебатата, и за мене прашањето за Законот за употреба на јазиците е затворено и тој треба што поскоро да се донесе. Порано се носеа вакви закони со завршување на парламентарните избори, пред изборот на владата. Сега е поинаку, девет месеци е отворена дебатата. Сите кажаа сè што имаа да кажат. Тоа е едно уставно право што не е реализирано. Да го оставиме нека се реализира, нека има своја имплементација, и ќе видиме сите дека не е нешто што е тешко или болно, туку ќе ни помогне сите заедно подобро да се разбираме. Уште се разговара, но оваа недела треба Законот за јазиците да се донесе“, изјави Заев.

    Седницата за Законот за употреба на јазици требаше да се одржи минатата недела, но поради немање договор меѓу владејачките партии дали да се отвори расправа по амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, обидот за собраниска седница пропадна.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира