СДСМ И ДУИ ЌЕ ГИ ГЛАСААТ ПРЕДЛОЗИТЕ НА ИВАНОВ ЗА УСТАВНИ СУДИИ

    СДСМ И ДУИ ЌЕ ГИ ГЛАСААТ ПРЕДЛОЗИТЕ НА ИВАНОВ ЗА УСТАВНИ СУДИИПретседателот Иванов Иванов ги предлага Осман Кадриу и Дарко Костадиновски на местото на Наташа Габер - Стојановска и Гзиме Старова. - Иванов на дочекот на албанскиот претседател Илир Мета (Фото: СДК.МК)

    Парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ, како и пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе му ги изгласаат на претседателот Ѓорге Иванов предложените кандидати за уставни судии, велат пратеници за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    На местото на Наташа Габер – Стојановска и Гзиме Старова, доктори на науки со многу објавени трудови, но и издвоени мислења како несогласување со одлуките што ги носеше мнозинството уставни судии во време на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Иванов ги предлага професорот Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, за кого сега првпат слуша јавноста.

    Најважна квалификација и услов за да се врши успешно функцијата уставен судија е тој да ги познава одлично човековите права и слободи, покрај правото, велат правните експерти со кои разговаравме. Затоа, според нив, универзитетските професори се адекватни за уставни судии.

    Старова и Габер – Дамјановска, на кои минатиот месец им заврши 9-годишниот мандат, кои се доктори на науки и професори претходно, се покажаа врвни експерти во областа на човековите права и слободи, што можеше да се види преку нивните настапи на седниците на Уставниот суд по поднесените иницијативи, по издвоените мислења, јавно искажани ставови, критики, образложенија на критиките на одлуките што ги носеше мнозинството.

    Експертите велат дека достојна замена за нив би бил професорот Осман Кадриу на Факултетот за правни науки на ФОН, експерт за облигационото право. Кадриу бил судија во Општинскиот суд во Кичево, член на Републичкиот судски совет и адвокат. Повеќе од десет години, д-р Кадриу бил ангажиран како професор на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово во граѓанско-правната област. Постдипломските студии во областа на граѓанско-правната област ги завршил на Правниот факултет во Белград, а има докторирано на истиот факултет на тема „Незаконитиот престанок на работен однос и одговорност на претпријатието за штета“. Д-р Кадриу има објавено 4 книги од граѓанско-правната област, трудово-правните односи и политичкиот систем. Автор е на повеќе од 50 библиографски единици – научни теми и статии објавени во познатите стручни списанија во Македонија и странство.

    Дарко Костадиновски е непознат за јавноста. Тој е државен советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот Иванов. Член е на Кабинетот на претседателот од 2001 година во тогашниот кабинет на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Тој во 1998 година работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамки на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми. Во 2015 година, Костадиновски е назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

    Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од областа на меѓународното право. Докторирал на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“, што е поврзано со темата човекови права и слободи. За разлика од актуелните уставни судии: Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски, Костадиновски има објавено две книги: „Меѓународна арбитража“ и „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации)“.

    Мандатот во август му истече и на судијата Исмаил Дарлишта, кој во 2008 беше избран по предлог на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања. Засега нема предложено кандидат и за третото испразнето место, кое треба да биде пополнето по предлог на Собранието и треба да биде Албанец. Засега Комисијата нема предлог за упразнетото место во Уставниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира