СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА ТЕХНИЧКИ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ, ЗАЕВ СЕ СОМНЕВА ДЕКА ПРЕДЛОГОТ НА МИЦКОСКИ Е НЕУСТАВЕН

    СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА ТЕХНИЧКИ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ, ЗАЕВ СЕ СОМНЕВА ДЕКА ПРЕДЛОГОТ НА МИЦКОСКИ Е НЕУСТАВЕНПремиерот Зоран Заев по средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски рече дека има доволно време да се најде решение до изборот на техничката влада и не би требало да има одложување на изборите. - Од денешната лидерска средба во владата (Фото: Влада)

    Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски вечерва не се договорија кој ќе биде технички министер за внатрешни работи, бидејќи, како што кажа Заев по нивната средба во владата, станува збор за воено лице. Предлог на ВМРО-ДПМНЕ со кој Мицкоски дојде на средбата е полковникот од АРМ Драган Ковачки. Заев рече дека се потребни дополнителни консултации со стручната јавноста и експерти, бидејќи името кое го предложило ВМРО-ДПМНЕ е воено лице, а членот 97 од Уставот предвидува министер за внатрешни работи и одбрана да биде цивилно лице во последните три години.

    „Јас немам никави предрасуди, првпат го слушам ова име, меѓутоа бидејќи станува збор за воено лице сакам дополнителни консултации, со свои мислења да излезе стручната јавност. Имаме уште време, речиси цела недела до изборот на техничката влада и не би требало да дозволиме да се одложат изборите, се надевам дека ќе најдеме решение“, изјави Заев по средбата.

    Членот 97 гласи:

    „Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.“

    Мицкоски по средбата со Заев за својот предлог кажа дека станува збор за личност со долгогодишно искуство во својата работа, неполитичка личност, и се надева дека нема да биде проблем за премиерот.

    Драган Ковачки е полковник во АРМ. Тој беше назначен за командант на Првата механизирана пешадиска бригада од Ѓорге Иванов пред претседателските избори во април, но новиот претседател Стево Пендаровски во јули го разреши со образложение дека Иванов не смеел да унапредува откако биле распишани изборите.

    Претходно, Ковачки бил началник на секција за операции и борбена готовност во Првата механизирана пешадиска бригада, раководител на Сектор-Служба за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана и началник на одделение за контраразузнавање во воената служба за безбедност и разузнавање.

    Дипломирал на Воената Академија во Македонија, а има завршено и Кралски колеџ за одбранбени студии во Велика Британија и Командно-штабна академија во Хрватска.

    Слична ситуација имаше и во мај 2015 година, кога за министер за внатрешни работи Собранието го избра Митко Чавков, кој дојде од Бирото за јавна безбедност во МВР. Исто така, во 2004 година за министер за внатрешни работи беше назначен Силјан Аврамовски, кој дојде од Управата за безбедност и контраразузнавање. Тогаш беше поднесена иницијатива за оценување на уставноста на неговото именување, но Уставниот суд се прогласи за ненадлежен.

    Заев ги спомна двајцата, но смета дека станува збор за различни ситуации.

    „Тие се овластени лица, тоа не значи дека овластени лица не се цивилни лица. Овде е проблемот што имаме воено лице, каде што Уставот јасно определува дека со одбраната и полицијата раководи цивилно лице, кое било цивилно лице најмалку три години. Значи, може и минато да има како воено лице кандидатот, ама барем последните три години да биде цивилно лице, како пензиониран генерал, полковник, потполковник или слично“, рече Заев.

    За останатите имиња од техничката влада, како за министер за труд и социјална политика и дополнителни заменици министри, на средбата меѓу Заев и Мицковски не се дискутирало. Како што кажа Мицковски, тој побарал од Заев да му каже каков профил на личности очекуваат за да не дојде дополнителни пролонгирања. Нивните имиња ќе бидат соопштени в понеделник.

    Премиерот Заев кажа дека за останатите министри единствено што барале е да не бидат лица против кои е покренато обвинение од кое било обвинителство.

    На лидерските средби се дискутирало и за измена на изборниот модел пред претстојните парламентарни избори за што не е постигнат договор бидејќи ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот една изборна единица не може да има на претстојните парламентарни избори на 12 април.

    Заев кажа дека му предложил на Мицковски законот да биде донесен сега, а да се применува на наредните избори односно на локалните избори кога ќе има отворени листи.

    Заев најави дека ќе поднесе оставка на 3 јануари, согласно Пржинскиот договор, на 100 дена пред изборите, кога треба да биде избрана и техничка влада. Предлог на СДСМ за технички премиер и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

    Пред средбата со Заев, Мицкоски во Собранието се сретна со претседателот на ДУИ Али Ахмети. По средбата, Ахмети кажа дека за нив е прифатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи, бидејќи, како што рече тој, станува збор за личност со долгогодишно професионално искуство.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира