СДСМ НАПИША ЗАДОЛЖЕНИЈА ЗА ОВАА И ЗА СИТЕ ИДНИ ВЛАДИ ДЕКА НЕМА ДА МОЖЕ ДА ПОПУШТААТ ЗА ИСТОРИЈАТА И ОБРАЗОВАНИЕТО, ВМРО-ДПМНЕ БАРА НОВА ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА СО ЕУ

    СДСМ НАПИША ЗАДОЛЖЕНИЈА ЗА ОВАА И ЗА СИТЕ ИДНИ ВЛАДИ ДЕКА НЕМА ДА МОЖЕ ДА ПОПУШТААТ ЗА ИСТОРИЈАТА И ОБРАЗОВАНИЕТО, ВМРО-ДПМНЕ БАРА НОВА ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА СО ЕУИдејата на парламентарните партии била да усогласат заклучоци уште додека Информацијата за начелна согласност со францускиот предлог не дошла во Собранието. - На протестите вечерва беа запалени портрети на пратениците од владејачката коалиција. (Фото: К. Попов)

    Не постигнаа согласност работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои требаше денеска да се усогласат какви насоки и задолженија ќе ѝ дадат на оваа и на наредните влади од кои во пристаниот преговарачки процес со ЕУ никогаш не смеат да отстапат и по цена да излезат од преговорите. Ќе се видат најверојатно утре пак.

    Требаше да договорат заеднички настап пред Владата, со усогласени наредби и задолженија, кои ќе бидат императив за неа и нема да може да ги прекршува во преговарачкиот процес кој уште не е почнат, а за кој ЕУ вели дека веднаш ќе почне ако Македонија го прифати францускиот предлог.

    Според изјавите од првата средба, двете страни ги мачи отприлика иста содржина, но различна им е методологијата како македонската страна да ги осигура  јазичните, културните, идентитетските и историските посебни особини на македонскиот народ.

    Додека СДСМ денеска излегол со конкретни предлог-заклучоци, ВМРО-ДПМНЕ бара измена на преговарачката рамка. Измената на преговарачката рамка, зад која стојат 27-те земји-членки на ЕУ ќе значи враќање од почеток: разговори за јазикот, за историјата, за билатералните проблеми меѓу Македонија и Бугарија, за 3.504-те Бугари овде, за Уставот…, за да се дојде до преговарачка рамка.

    Денска, всушност, двете најголеми македонски партии зборуваа за заклучоци коишто би се донеле евентуално после Информацијата што ќе ја достави Владата до Собранието. Практично, за заеднички заклучоци уште пред да дојде Информацијата на расправа во Собранието, што значи по обратен редослед.

    „Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Јас денес очекувам одговорност од сите партии и пратенички групи бидејќи станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани. Во таа насока ние ќе дадеме наши предлог-заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните – историски и образовни прашања. Ќе дадеме предлози и заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ. Сѐ ова ќе биде денеска на масата пред нас и очекувам дека сите конструктивно ќе делуваме, затоа што станува за сериозен период“, рече Јован Митрески од СДСМ од каде во работната група е и вицепремерот еа евроинтеграции Бојан Маричиќ.

    Во работната група се и Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, Арбр Адеми од ДУИ, Елми Азири од Алијанса и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

    Митрески заклучоците им ги дал на сите пратенички групи што учествуваа денеска на средбата.

    „Ќе разговараме, а потоа врз основа на предлозите ќе биде разгледано што од тоа може да биде ставено во форма на заклучоци за седницата што ќе се одржи во Собранието“, рече тој и на прашање какво би било дејството на тие заклучоци, ако не го менуваат францускиот предлог, тој кажа:

    „Цело време зборуваме дека билатералните прашања се исклучени од преговарачката рамка, но во јавноста се отвори и тлее таа дилема. Затоа, како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата, да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието“, рече Митрески.

    Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ излезе незадоволен од средбата, бидејќи основното барање, да се смени преговарачката рамка зад која стои ЕУ и за која партијата тврди дека дури не е прифатена од Македонија, таа може да се менува, за СДСМ е неприфатливо и значи враќање на почетни преговори за друга рамка.

    Барањата на ВМРО-ДПМНЕ кои денеска Николовски ги ставил на масата се:

    Од точката 3 од Општиот став реченицата „ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“, да се избришe.

    Од точката 5 во преговарачката рамка да се избрише последната алинеја која го вклучува Договорот за добрососедство, каде се спомнува членот 12 кој ја регулира работата на меѓувладината комисија и протоколите за исполнување на Договорот, оти е предвидено дека Бугарија ќе има контрола врз нашата историја, учебници, образование и врз нашата самоидентификација.

    ВМРО-ДПМНЕ бара да нема поделба на првата меѓувладина конференција и тоа да не се условува со промена на Уставот за внесување на Бугарите, туку веднаш да започнат преговорите, рече Николовски.

    Тој кажа дека власта немала слух за нивните барања и повика вечерва на протест против францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија кон Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

    Вечерва од 19 часот започна петтиот протест, демонстрантите тргнаа на марш од Владата до Министерството за надаворешни работи и кон Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира