СДСМ ОБЈАВИ ДОКУМЕНТ СПОРЕД КОЈ ТЕЛОХРАНИТЕЛОТ НА МИЦКОСКИ ПРЕПРОДАЛ ЗЕМЈИШТЕ НА ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ЗА ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    СДСМ ОБЈАВИ ДОКУМЕНТ СПОРЕД КОЈ ТЕЛОХРАНИТЕЛОТ НА МИЦКОСКИ ПРЕПРОДАЛ ЗЕМЈИШТЕ НА ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ЗА ПОЛА МИЛИОН ЕВРАПетровска рече дека неколку лица, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ купиле или добиле на дар парцели земјиште во општина Делчево, вредни 40.000 евра, а по само 2-3 недели, ги продале и за 40 пати повеќе од пазарната вредност или за вкупно 1,6 милиони евра (Фото: СДСМ)

    СДСМ денеска преку пратеничката Славјанка Петровска објави документ од кој се гледа дека Влатко Илиевски, за кои таа тврди дека е телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, купени ниви за багателни суми, ги препродал на ЕВН Електрани за 40 пати повисоки суми за метар квадратен, односно пола милион евра.

    „Едно од вмешаните лица е и Влатко Илиевски, дел од обезбедувањето на Христијан Мицкоски. Ова е Договорот за купопродажба на Илиевски, телохранителот на Мицкоски, вреден 500.000 евра. Го повикуваме Христијан Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори: Каква е неговата поврзаност со овој скандал? Дали со негово одобрување и знаење е склучен овој договор? Дали разликата од препродажбата како црни пари завршиле во Белиот дворец за што постојат оправдани сомневања?“, праша Петровска.

    Таа потсети дека вкупната вредност на земјиштето купено по багателни суми, а препродадено потоа на ЕВН, е милион ипол евра.

    Големиот скандал директно води до Белиот дворец и до луѓе блиски на Христијан Мицкоски. Неколку лица, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ купиле или добиле на дар парцели земјиште во општина Делчево, сите вредни околу 40.000 евра. Истите парцели само две-три недели подоцна ги продале и за 40 пати повеќе од пазарната вредност или за вкупно 1,6 милиони евра. Истрагата да каже: Дали разликата од над 1,5 милиони евра завршила во нечии џебови или директно во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ?“, повика Петровска.

    Петровска рече дека во истрагата неофицијално се споменуваат повеќе имиња, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, како Игор Г., поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Т., поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ, но и други лица.

    На 11 ноември Финансиската полиција со Основното јавно обвинителство Скопје изврши проверки по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани и повеќе физички лица. Претресот бил извршен кај вработени лица во ЕВН Електрани ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје.

    Таткото на пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ, кај кого влегла финансовата, е раководител на секторот за јавни набавки во ЕВН. Пратеникот тогаш објави на Фејсбук дека рано утрото во неговиот дом влегле припадници на финансиската полиција и извршиле претрес.

    Од ЕВН рекоа дека компанијата соработува со Финансиската полиција како сведок за случај за купопродажба на земјиште во Делчево за изградба на фотоволтаици.

    „На овој случај соработуваме со Финансиската полиција веќе еден месец и се води истрага за лицата кои учествувале во купопродажбата од ЕВН Електрани, фирма сестра на ЕВН“, велат од ЕВН.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира