СЕ ЧУВСТВУВАМ ПОДОБРО ОТКОЛКУ ПРЕД 20 ГОДИНИ, КАЖА ТРАМП И ПОТВРДИ ДЕКА ИЗЛЕГУВА ОД БОЛНИЦА

    СЕ ЧУВСТВУВАМ ПОДОБРО ОТКОЛКУ ПРЕД 20 ГОДИНИ, КАЖА ТРАМП И ПОТВРДИ ДЕКА ИЗЛЕГУВА ОД БОЛНИЦАТрамп им порача на Американците да не се плашат од ковид-19 (Фото: АП)

    Доналд Трамп потврди дека вечерва ќе биде отпуштен од воената болница во која што беше примен пред четири дена откако развил симптоми на ковид-19. Тој се огласи на Твитер пред официјалниот брифинг на лекарите и кажа дека се чувствува многу добро.

    „Излегувам од големиот медицински центар ‘Волтер Рид‘ и продолжувам со заздравувањето во Белата куќа. Не плашете се од ковид-19, не дозволувајте да ви доминира со животот! Администрацијата на Трамп разви некои навистина одлични лекови и знаења. Се чувствувам подобро отколку пред 20 години“, изјави Трамп.

    Тој излегува од болницата „Волтер Рид“ додека во Белата куќа се зголемува бројот на заразени со коронавирус и последниот случај е портпаролката Кејли Мекенени. Најмалку 12 луѓе блиски на Трамп досега имале позитивен тест, исто како и неколкумина помлади членови на тимот. Повеќето од нив имале позитивен тест откако присуствувале на состанок во Белата куќа на 26 септември.

    Докторот на Трамп Шон Конли, исто така беше оптимист на попладневниот брифинг и рече дека претседателот ќе може да го продолжи својот вообичаен распоред откако „ќе нема докази за жив вирус“. Но, тој исто така предупреди дека станува збор за „непозната територија“, бидејќи пациент доби толку агресивни лекови толку рано во текот на болеста, и рече дека Трамп нема да биде целосно вон опасност уште една недела. Конли постојано одбива да ги сподели резултатите од медицинските скенирања на белите дробови на Трамп, велејќи дека тој може да ги каже тие информации.

    Засега е непознато колку долго Трамп ќе остане во изолација, но според Центарот за контрола и превенција на болести на САД, тие што имаат благи симптоми можат да бидат заразни до десет дена.

    „Трамп е подготвен да им се врати на своите редовни работни обврски“, изјави шефот на неговиот кабинет Марк Медоус.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира