Од денеска во Општините Дебар и Центар Жупа се укинува кризната состојба, која беше воведена 13 март заради спречување на ширење на коронавирусот. Како што соопштија од Владата, во Дебар и Центар Жупа сега на сила се мерките кои важат за територијата на целата држава. Тоа значи дека од денеска повеќе не важи забраната за влез и излез од овие две општини.
Граѓаните ќе треба да ги почитуваат останатите одлуки на Владата, во однос на полицискиот час, да не се движат во групи поголеми од двајца и да бидат затворени кафулињата, рестораните, спортските обложувалници.
Во Општина Дебар, неколку денови по ред нема новозаразени лица со КОВИД-19. Денеска министерот за здравство Венко Филипче најави дека во Дебар ќе се прави скрининг на 20 до 30 отсто од населението со тестирања за присуство на антитела, за да се процени имунитетот. Скринингот во Дебар ќе се направи со дел од 20 илјади тестови кои Министерството ги добило како донација.
А. АНТЕВСКА