СЕГА ДА ГЛАСАМЕ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ И ВЕДНАШ ДА ОДИМЕ НА ИЗБОРИ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    СЕГА ДА ГЛАСАМЕ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ И ВЕДНАШ ДА ОДИМЕ НА ИЗБОРИ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИОд Владата велат дека барањата на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени се нереални оти тие се дел од преговарачката рамка. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Димитар Ковачевски смета дека уште утре треба да се изгласаат уставните измени и веднаш да има парламентарни избори. На денешниот брифинг со новинарите, Ковачевски кажа дека, што се однесува до него, гласањето уставни измени за вметнување на Бугарите како малцинство во Уставот треба да биде веднаш.

    Рече и дека нема против ниту СДСМ да отстапи половина од министерските места на ВМРО-ДПМНЕ за нивно влегување во Владата, сè со цел заеднички да се донесе одлуката за уставни измени и да се продолжи патот за евроинтеграции на земјава. Вели дека ќе нема против да го отстапи премиерското место на ВМРО-ДПМНЕ, ако наместо него, Христијан Мицкоски или некој друг член на опозицијата стои како предлагач на уставните измени.

    Јас сум потписник на предлогот за уставните измени. Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ сака да ја има таа чест, јас со задоволство ќе му ја отстапам“, рече Ковачевски.

    Од Владата велат дека барањата на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени се нереални, оти тие се дел од преговарачката рамка односно откако тие ќе бидат усвоени ќе се одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ.

    Во Владата сметаат дека после минатонеделната лидерска средба има промени во ставот на опозицијата и очекуваат нивно вклучување во работните групи кои ќе го водат овој процес. Сметаат дека опозицијата треба да биде во овој процес, да влезат во Владата и таква влада да ги изгласа уставните измани и да функционира сè до одржување на редовните избори во септември 2024 година. На тој начин, сите партии би учествувале во процесот кој би следел односно одржување на првата меѓувладина седница, скринингот и отворање на поглавјата и не би имало поделба на ‘предавници и бранители‘.

    Се очекува до крајот на месецов амандманите за уставните измени да влезат во собраниска процедура.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира