СЕКОЕ ДОПОЛНИТЕЛНО ОДЛОЖУВАЊЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ БИДЕ ПОТТИК ЗА АНТИЕВРОПСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ОТКАКО ГО ПРИМИ ИЗВЕШТАЈОТ ОД ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАР

    СЕКОЕ ДОПОЛНИТЕЛНО ОДЛОЖУВАЊЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ БИДЕ ПОТТИК ЗА АНТИЕВРОПСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ОТКАКО ГО ПРИМИ ИЗВЕШТАЈОТ ОД ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАРЕвроамбасадорот Самуел Жбогар им го врачи извештајот на Европската комисија на премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски во претседателката вила. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Денес го добивме најдобриот извештај од Европската комисија за напредокот на Северна Македонија и очекувам Европскиот совет во јуни да одреди датум за преговори, рече претседателот Стево Пендаровски, по средбата во претседателската резиденција каде евроамбасадорот Самуел Жбогар го предаде извештајот на Европската комисија.

    Тој кажа дека во извештајот е нотиран напредокот за зголемување на отчетноста, но и за одговорност при коруптивните дејствија, реформи за правна држава и правосудство.

    „Се надевам дека Република Северна Македонија нема да биде само колекционер на позитивни извештаи и дека ќе добиеме во јуни датум за преговори. Секое дополнително одложување ќе биде демотивирачко и ќе биде поттик за антиевропските политичари“, рече Пендаровски.

    Тој кажа дека очекува и бара од сите политичари да го препознаат моментот и да го поддржат процесот, бидејќи за првпат добиваме најдобар извештај без дополнителни услови.

    „За првпат извештајот се презентира пред претседателот на државата, претседателот на владата, претседателот на Собранието и судската власт и имаме државен консензус за членство во ЕУ“, рече Пендаровски.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека сите се горди на уште еден успех на нашата земја и дека ова е 10. по ред позитивен извештај од Европската комисија со позитивна препорака за отпочнување на преговори.

    „Денес го добивме најпозитивниот извештај, се надеваме дека по 14 години чекање за отпочнување на преговорите ќе добиеме датум. Сработивме многу, му се заблагодарувам на евроамбасадорот за сите позитивни оценки, но и забелешките со внимание ги следиме и ќе продолжиме со реформите кои почнавме да ги реализираме пред сѐ за нашите граѓани да живеат во благосостојба“, рече Заев.

    Тој се повика на изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан за моќта на привлекување на ЕУ и рече дека лани во јуни добиле силен поттик со ветувањето дека во јуни 2019 година ќе добиеме почеток за преговори.

    „Ни беше речено испорачајте вие, ќе испорачаме и ние. Ние знаеме дека реформите ги правиме за нашите граѓани. Покажавме политичка зрелост и ЕУ манири. Подготвени сме за отпочнување на преговори, тимот наскоро ќе биде докомплетиран, а подготвени сме и технички за подготвителниот скрининг“, рече Заев.

    Евроамбасадорот Самуел Жбогар кажа дека промената во земјата се препознава и со тоа што денес сите политички чинители се тука собрани и дека Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан каде власта и опозицијата разговараат за реформите, и единствената земја која нема проблеми со соседите, туку има пријателски односи со сите земји од регионот.

    „Препораката е јасна дека сите услови поставени во јуни 2018 година се исполнети за добивање датум овој јуни. Земјата е подготвена да почне преговори, а реформите треба да продолжат, оти има уште многу да се направи“, рече Жбогар.

    Покрај Заев и Пендаровски, на предавањето на извештајот на Европската комисија присуствуваа уште претседателот на Собранието Талат Џафери и заменик-претседател на Врховниот суд Фаик Арслани.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира