СЕКОЈ ТРЕТ ГРАЃАНИН ИМА КОВИД АНТИТЕЛА, ПОКАЖА АНАЛИЗАТА НА ИНСТИТУТОТ ЗА ИМУНОБИОЛОГИЈА

    СЕКОЈ ТРЕТ ГРАЃАНИН ИМА КОВИД АНТИТЕЛА, ПОКАЖА АНАЛИЗАТА НА ИНСТИТУТОТ ЗА ИМУНОБИОЛОГИЈААнализата се спроведе изминатите 2 недели врз 1.000 случајни минувачи на шест локации во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Секој трет граѓанин има антитела на ковид-19, покажа испитувањето на Институтот за имунобиологија кое се спроведе изминатите две недели во Скопје. Анализата се спроведе врз 1.000 случајни минувачи на шест локации во Скопје и тоа во Карпош, Аеродром, ТЦ „Мавровка“, во Градскиот парк и на улица Македонија и Плоштад Македонија. Притоа, се внимавало испитаниците да не се од исто семејство, односно да се земат примероци од различни групи и возрасти.

    „Обработката на податоците покажа дека 31 отсто од испитаниците имаат антитела или секој трет граѓанин прележал ковид-19. Во анализата беа земени примероци и од луѓе кои знаеле дека го прележале вирусот, но и од испитаници кои не биле заразени или пак не знаеле дека прележале“, вели директорот на Институтот за имунобиологија Александар Петличковски.

    Како што објаснува Петличковски, ваквите разулатите кажуваат дека земјава е на половина пат кон создавање колективен имунитет, за што е потребно болеста да ја прележат најмалку 60 отсто од граѓаните.

    Институтот правел испитувања и врз медицинските лица кои ја примија вакцината на „Фајзер“ за резултатите кои ги дава вакцинацијата. Петличковски вели дека податоците кои ги добиле се одлични, вакцинираните лица имаат голема доза антитела.

    „Оние кои прележале ковид-19, само со една доза имаат голема концентрација на антитела. Затоа, сметам дека тие лица не треба да примаат две дози, доволно е една“, вели Петличковски.

    Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје, вкупно ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата се 112.646 лица .

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира