СЕКОЈ УКРАДЕН ДЕНАР, НАМЕСТЕН ТЕНДЕР, СЕ ПРИЧИНА ЗА ЗАМИНУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ЗА ИЛИНДЕН ВО ПЕЛИНЦЕ

    СЕКОЈ УКРАДЕН ДЕНАР, НАМЕСТЕН ТЕНДЕР, СЕ ПРИЧИНА ЗА ЗАМИНУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ЗА ИЛИНДЕН ВО ПЕЛИНЦЕ„Нашата битка денеска е да обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани во нашата земја, а не надвор од неа. А за тоа мора да има правда и слобода“, се обрати Пендаровски на Илинден (Фото: Кабинет на претседателот)

    Претседателот Стево Пендаровски од Пелинце денеска побара правда, слобода и достоинствен живот за граѓаните, за да не ја напуштаат државата за подобра.

    „Нашата битка денеска е да обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани во нашата земја, а не надвор од неа. А за тоа мора да има правда и слобода“, рече тој во неговата претпладневна порака, по повод 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ.

    Нашите граѓани со право се разочарани, рече тој, кога гледајќи обвинителство кое беше надеж за расчистување на криминалот се распадна, со тоа што и самото стана дел од организираниот криминал.

    „Секој злоупотребен денар, секој наместен тендер, е причина повеќе за одлуката на заминување на многу млади и на зголемување на фрустрациите од нашите луѓе во нашата земја. Единствениот начин да изградиме праведно општество е да го почитуваме правото. Веднаш по изборот на претседател на државата, реков дека ќе биде да работам на граѓанското помирување, кое ни е потребно од било кога. Се надевам и очекувам таа заложба да биде поддржан од Владата и од опозицијата.“, рече Пендаровски.

    Зборуваше и за сите знајни и незнајни херои, комити и партизани кои ги дадоа своите животи во борбата за слобода и независна држава.

    „Благодарение на нив, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава. Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно. Мораме да бидеме доблесни и да ја признаеме нивната жртва, свесни дека ништо ниту почнува, ниту завршува со нас“, кажа тој.

    И во оваа прилика тој нагласи дека нашата држава реализираше членство во НАТО после долги години блокади. Уверен е дека овој процес претставува зацврстување на нашата државност, на нашата позиција во меѓународните институции.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира