СЕРИОЗЕН Е БРОЈОТ НА СРЕДНО ВОЗРАСНИ ПАЦИЕНТИ КОИ ПОЧИНАЛЕ ОД КОВИД-19, А НЕ ПРИЈАВИЛЕ ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИ, КАЖА ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА СТЕВАНОВИЌ

    СЕРИОЗЕН Е БРОЈОТ НА СРЕДНО ВОЗРАСНИ ПАЦИЕНТИ КОИ ПОЧИНАЛЕ ОД КОВИД-19, А НЕ ПРИЈАВИЛЕ ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИ, КАЖА ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА СТЕВАНОВИЌДиректорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ рече и дека барем 50 отсто од пациентите кои починале од КОВИД-19 по хоспитализација на клиниката се донесени на лекување предоцна. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ вели дека на клиниката веќе имаат сериозен број на починати пациенти од КОВИД-19 кои не се многу возрасни, т.е. се на средна возраст и кои не пријавиле хронични болести.

    „Возраста и хроничните болести го носат цехот со себе и ризикот од сериозно тешка манифестација на КОВИД-19, како и зголемен ризик од смртен исход. Но, имаме и сериозен број на пациенти кои не се многу возрасни, на средна возраст, кои не пријавуваат хронични болести, но текот, развојот и компликациите на болеста го донеле најнепосакуваниот исход“, кажа Стевановиќ, одговарајќи на новинарско прашање за смртноста од КОВИД-19 на денешната заедничка прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче.

    Таа рече и дека барем 50 отсто од пациентите кои починале од КОВИД-19 по хоспитализација на клиниката се донесени на лекување предоцна и дека исходот можеби би бил различен ако пациентите барем се консултирале со матичниот лекар кој би ја следел нивната состојба, место да се самолекуваат дома.

    „Од вкупниот број од над 470 хоспитализирани на клиниката, имаме 90 пациенти кои се со смртен исход. Најголем дел од пациентите се донесени по 10-15 дена самолекување дома, без никаква консултација со лекар. Нашите математики се дека барем 50% од починатите пациенти кај нас се предоцна донесени на лекување и верувам дека исходот би бил различен ако пациентите барем го консултирале својот матичен лекар да ја следи нивната состојба и евентуално влошување“, рече Стевановиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира