„Никола Груевски е минато, тој е политички пензионер, му останува само едно, да одговара пред законот. Нема да дозволиме Иванов фикусот да биде сламка за спас на криминалците“, рече еден од говорниците на бината пред Собрание. „Тие инвестираат во минато, во гипс, а не во иднина, и затоа студентите масовно заминуваат во странство. Оваа Триумфална порта чини 10 милиони евра, замислете каков студентски град можеше да се изгради за тие пари“, рече друг говорник на протестот кој заврши пред Собранието.
Говорниците од Протестирам и вечерва ги повторија барањата: за итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Република Македонија и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
„Став наместо страв“ беше мотото на денешниот протест на Шарената револуција. Пред Собранието и вечерва беше активен чаталот со тегнало со кој се фрлаа балони со боја кон зградата. Специјалната единица за бојадисување на Шарената револуција вечерва со пиштоли со боја целосно го ишара Министрството за правда. Полицајците ги пуштија демонстрантите да дојдат до ѕидовите на министерството, а тие шараа извикувајќи „Мафија на робија“, „Шутка не ти бега, Никола!“. Претходно со пиштоли со боја ги ишараa столбовите пред Влада. Во импровизиран затвор зад решетки ставени беа кукли со ликовите на аболицираните Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, а целата инсталација одеше на чело на колоната.
Граѓанската иницијатива Протестирам денеска на својата страница на Фејсбук порача дека власта нема да ги заплаши со повиците за информативни разговори и ги повика граѓаните масовно да излезат на улиците.
За утре (среда) во 8:45 часот пред полициската станица Беко во Скопје, најавија протест за поддршка на извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска и на проф. Мирјана Најчевска кои се повикани на информативен разговор поради учество во протестите. Вчера на информативен разговор беше повикан и претседателот на Хелсиншкиот комитет на Македонија и професор на Правниот факултет на УКИМ Гордан Калајџиев, кој доби прекршочна пријава за нарушување на одредбите од законот за јавна чистота и поради фрлање боја е казнет со 50 евра парична казна.