Во црквата „Света Софија“ во Охрид архимандритот Партениј, кој е игумен на Бигорскиот манастир, е хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
На церемонијата покрај голем број верници присуствуваа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вицепремиерката и носителката на листата на СДСМ во петтата изборната единица Радмила Шекеринска, како и министерот за здравство Венко Филипче. Сите тројца беа во прв ред во црквата и ја следеа литургијата.
Дворот на црквата беше полн со верници. Дел од нив не носеа маски ниту држеа растојание. Заштитни маски не носеа ниту свештените лица, владиците и учесниците во литургијата.
Предлогот Отец Партениј да биде прогласен за епископ го даде неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, што беше едногласно прифатено од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА.
Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски”, а истовремено ќе ја задржи и својата должност игумен на Бигорскиот манастир каде што ќе биде и неговото постојано седиште.
А. АНТЕВСКА