ШИЛЕГОВ ПОБАРА ОД ВМРО-ДПМНЕ ДА ГИ РАЗРЕШИ ПРАТЕНИЦИТЕ ПОД ИСТРАГА НА СЈО, МИЛОШОСКИ МУ ОДГОВОРИ ДЕКА И ЗАЕВ Е ПОД ИСТРАГА

    ШИЛЕГОВ ПОБАРА ОД ВМРО-ДПМНЕ ДА ГИ РАЗРЕШИ ПРАТЕНИЦИТЕ ПОД ИСТРАГА НА СЈО, МИЛОШОСКИ МУ ОДГОВОРИ ДЕКА И ЗАЕВ Е ПОД ИСТРАГАПратениците денеска расправаат за предлозите за заменици министри. - Петре Шилегов и Антонијо Милошоски (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов побара пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ги разреши пратениците за кои Специјалното обвинителство води истраги, а од тие што од нивните редови ги отворија вратите на Собранието за да влезат насилниците на 27 април, партијата да побара да си поднесат морална оставка од функциите.

    Ова Шилегов го кажа откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски побара од премиерот Зоран Заев да го повлече предлогот за заменик-министер за надворешни работи Арта Точи, поради претходна нејзина изјава дека западниот дел на Македонија и припаѓа на Албанија.

    „Ако сте толку морален господине Милошоски, место да се обидувате да го проблематизирате персоналното решение на заменичкото место во МНР, побарајте од колегите вратари да си поднесат морална оставка од пратеничките функции. Второ, за овие предложени заменици-министри, има документ од СЈО дека против нив не се води никаква истрага. Дајте вие таков документ за пратениците од вашата пратеничка група и предложете разрешување на оние кои се осомничени и обвинети од СЈО. И трето, ако сте толку морален, кажете Милошоски кој зема 10 отсто провизија од изградбата на зградата на МНР?“, го праша Шилегов Милошоски.

    Милошоски на ова одговори: „Сакате да збориме за истраги? Па тука имаме еден човек под истрага. Тоа е вашиот премиер Зоран Заев. Тој е фатен како бара едно евро за себе, едно за братот, едно за црквата. Обвинителот го фати како бара поткуп, па сега Заев ќе го разрешува поради тоа“, рече Милошоски.

    За тоа време Шилегов му дофрлуваше: „Што Сваровски?“, алудирајќи дека случајот „Поткуп“ на Заев му го наместило Сваровски – судството. Потоа отиде до Милошоски и му забележа: „Не кажа Антонијо за 10-те отсто провизија“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира