ШВЕРЦЕРИТЕ СО ЛУЃЕ ЈА ПОТКУПУВААТ ПОЛИЦИЈАТА, А МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ГОНИ И КАЗНУВА, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

    ШВЕРЦЕРИТЕ СО ЛУЃЕ ЈА ПОТКУПУВААТ ПОЛИЦИЈАТА, А МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ГОНИ И КАЗНУВА, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ„Шверцерите со луѓе често ја поткупуваат полицијата и инспекторите за труд. Имало истраги и казни за полицајци кои биле соучесници во трговијата со луѓе“, се вели во Извештајот за трговија со луѓе за 2017 на американскиот Стејт департмент;- белаци во воз од Гевгелија за српска граница, октомври, 2015 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе иако прави значителни напори за тоа, се вели во глоблниот Извештај за трговија со луѓе за 2017 на американскиот Стејт департмент, објавен вечерва.

    Извештајот годинава се фокусира на одговорноста на владите да ја криминализираат трговијата со луѓе и кривично да ги гонат шверцерите со луѓе.

    Во делот за Македонија, се забележува дека изминатава година власта кривично гонела и казнила најмал број шверцери со луѓе досега. Исто така, се забележува дека Владата не доделила ниту еден грант за невладините организации кои се борат против трговијата со луѓе и дека поради тоа е прекината соработката со оние организации кои помагале во шелтер центрите финансирани од владата.

    „Шверцерите со луѓе често ја поткупуваат полицијата и инспекторите за труд. Имало истраги и казни за полицајци кои биле соучесници во трговијата со луѓе“, се вели во извештајот.

    Во препораките за Македонија меѓу другото се вели: „Жестоко да се истражат, кривично да се гонат и да се казнат шверцерите, како и соучесниците од власта, и да се воведат казни соодветни за да се намали шверцот со луѓе; да се овозможи напредна обука за судиите, обвинителите и полицијата за истраги и кривични постапки за трговија со луѓе, да се одвојат зголемени средства за заштита на жртвите, да се обучат полицајците, инспекторите за труд, дипломатскиот персонал и други државни службеници за проактивна идентификација на жртвите, особено меѓу децата питачи, нелегалните мигранти, бегалците и барателите на азил“.

    Во извештајот се забележува и дека Македонија е извор, транзит и дестинација за мажи, жени и деца кои се подложени на на сексуална трговија и присилна работа.

    Над 20 милиони луѓе во светот се жртви на оваа трговија, а САД ја прогласија Кина за еден од најголемите светски прекршители во трговијата со луѓе и принудната работа, ставајќи ја во иста категоријата со Иран, Северна Кореја и Сирија, кои Вашингтон остро ги критикува веќе подолг временски период.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира