Новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и новата влада треба да соработуваат и да го унапредат патот на Македонија кон членството во ЕУ со тоа што ќе ги исполнат обврските што ги има земјава и ќе спроведат реформи. Ова се очекувањата на ЕУ кои во заедничка изјава ги пренесоа високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија (ЕК) Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, по повод парламентарните и вториот круг од претседателските избори, на кои победија ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска-Давкова.
Велат дека очекуваат да се формира стабилна влада и ќе има соработка.
„ЕУ и честита на претседателката Силјановска-Давкова за изборот и со нетрпение очекува да работи со новата претседателка – првата жена шефица на државата. Ги охрабруваме релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада. Двете институции треба да работат заедно за да го унапредат патот на Северна Македонија кон ЕУ, во што тука спаѓа спроведувањето на клучни реформи особено во областа владеење на правото и во борбата против корупцијата и во интерес на сите граѓани“, се вели во заедничката изјава.
Борел и Вархеји укажуваат и на обврската за уставни измени со кои Бугарите и други малцински заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот. Уставните измени се услов за Македонија да ја одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ, односно да ги отвори кластерите во процесот на пристапување.
„Северна Македонија направи одлучувачки чекори во процесот на пристапување во ЕУ и сега ќе биде важно да се имплементираат преостанатите обврски неопходни за отворање на првиот кластер во процесот на пристапување. ЕУ и Северна Македонија споделуваат силно партнерство. Земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и очекуваме нашата соработка да продолжи да се развива и понатаму“, велат Борел и Вархеји.
Инаугурацијата на Сиљановска-Давкова како претседателка ќе се одржи в недела во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ победи со освоени 58 пратенички мандати, а лидерот Христијан Мицкоски најави дека ги почнува консултациите за владина коалиција.