СИНДИКАТОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ ЌЕ БАРА НА БЕЗБЕДНОСНИТЕ КАМЕРИ ДАЛИ СУДИЈКАТА ШТО ИМ ГО ЗАБРАНИ ШТРАЈКОТ ЗА 20 ОКТОМВРИ ВООПШТО ИМ ПРАТИЛА ПОКАНА ЗА СУД

    СИНДИКАТОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ ЌЕ БАРА НА БЕЗБЕДНОСНИТЕ КАМЕРИ ДАЛИ СУДИЈКАТА ШТО ИМ ГО ЗАБРАНИ ШТРАЈКОТ ЗА 20 ОКТОМВРИ ВООПШТО ИМ ПРАТИЛА ПОКАНА ЗА СУДСудијката од Граѓанскиот суд Скопје Сашка Трајковска не го известила Синдикатот дека има тужба од директорите на М-НАВ, не им пратила покани за рочиште, ниту одлуката дека ги забранила штрајкот и закажаното судење, вели синдикалното раководство. (Фото: СДК.МК)

    Контролорите на летање преку нивниот синдикат покажаа над 40 документи кои ако имаше судење, а не одлука за забрана на штрајк зад затворени врати, требаше да ги презентираат денеска пред судијката Сашка Трајковска во Граѓанскиот суд Скопје. Претседателот на Самостојниот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски, кажа дека воопшто и не знаел оти раководството на Македонска навигација (М-НАВ) под водство на директорот Владимир Ристески, поднело тужба против одлуката за штрајк најавен за 20 октомври. Од Судот не добил покана за рочиштето што требаше да се одржи денеска, и вели за среќа адвокатот на тужителите му пратил е-пошта.

    „Пред да ја пријавиме судијката која си донесе самата, без да нè викне, одлука за забрана на штрајкот со времена мерка што никој не ѝ ја побарал, ќе ги провериме безбедносните камери да видиме дали можеби дошла покана за судењето што таа го закажала за денеска, па го откажа, па и по тој основ ќе ја дополниме претставката против неа до Сускиот совет“, рече Тасевски.

    За судијката Трајковска од Граѓанскиот суд, Синдикатот има забелешка и дека во Решението, одлуката за забрана на штрајкот, нема ни датум до кога е таа времена мерка? Обично, кога суд ќе одреди времена мерка забрана на дејство, настан, образложува дека таа е додека трае судењето, додека не се донесе одлука за нешто друго.

    Синдикатот се сомнева дека одлуката за забрана за штрајкот е донесена набрзина вчера, по што веднаш било откажано закажаното рочиште за денеска, зашто директорите и судијката сфатиле оти нема време денеска да почне и да заврши судењето и по нормален пат, низ една судска парница, да се забрани штрајкот.

    „Во последен момент сфатиле оти нема време за пресуда, бидејќи денеска е петок, утре сабота, па недела и нема да има пречка за штрајк в понеделник“, вели Тасевски.

    Тој вели дека на проѕирен начин раководството и судијката Трајковска ги спречиле контролорите во намерата од следниов понеделник, па сите наредни понеделници додека не се исполнат барањата, од 10 до 15 часот да се редуцираат контролите, односно летовите од, кон и над Македонија.

    Со документите кои денеска Синдикатот детално  ги претстави пред јавноста, се побиваат тврдењата на директорите на М-НАВ и на судијката дека била прескокната законската процедура за помирување, бидејќи Тасевски го документирал целиот серијал преписки уште во 2023, кога буквално го молеле и го чекале старото раководство преку роковите да седне со т. н. помирувач. Иако, и него Министерството за труд го пратило со скоро двомесечно задоцнување.

    Потоа ја презентираше неисполнетата Спогодба од 2023 , која до денес  е причината за штрајкот на контролорите на летање, во која се содржани како нерешените права од работниот однос и прашањата со третата смена, така и барањето за независна анализа за потребни вработувања, за да се запре со партиските, барањата за нов радар, нов софтвер, нова опрема, зашто контролорите работат на опрема монтирана од 1998 година.

    „За жал, откако е дојдена новата менаџерска структура буквално целата таа спогодба е застаната, дури и директорите се обидоа да се прогласат за ненадлежни. Нивното образложение е дека спогодбата е потпишана со друго раководство, но тоа секако не е причина ова раководство да не ги испочитува барањата на Синдикатот“, рече Тасевски.

    На новинарско прашање, тој одговори дека и понатаму снемува вода во М-НАВ, па контролорките и контролорите на летање по нужда одат или во кафуле во Петровец, или во ТАВ.

    Од презентираните документи, видно беше дека во знак на добра волја контролорите на летање одлагале штрајкови и давале по минимум 6 месеци како за исполнување на спогодбата зад која тогаш застана Министерството за транспорт и врски, така и на новите директори, за да се адаптираат.

    Синдикатот доказите ќе ги приложи во жалбата против вчерашната самоволна одлука на судијката Трајковска, а истовремено ќе бара и повторување на постапката, со барање да се одржи судење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира