СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ШТО УСПЕАЛЕ ДА СЕ ИЗВЛЕЧАТ СО МАЛИ КАЗНИ КАЈ НАШЕТО СУДСТВО ДА СИ ПОНЕСАТ МОРАЛНА И ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ ГРУБИ ЗА ОСУДЕНИОТ ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА

    СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ШТО УСПЕАЛЕ ДА СЕ ИЗВЛЕЧАТ СО МАЛИ КАЗНИ КАЈ НАШЕТО СУДСТВО ДА СИ ПОНЕСАТ МОРАЛНА И ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ ГРУБИ ЗА ОСУДЕНИОТ ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНАЗаменик-директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Ферус Мемед коруптивните 4 кривични дела за кои е осуден во 2015 ги сторил на претходната функција, како директор на Државниот инспекторат за животна средина. (Принтскрин од вебстраната на Агенцијата за храна и ветеринарство)

    Вицепремиерот за политички систем Артан Груби смета дека заменик-директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Фирус Мемед треба да си понесе политичка одговорност, со оглед на тоа дека и обвинителството и судот потврдуваат оти во 2015 година тој бил осуден за 4 кривични дела, меѓу кои и за примање поткуп.

    Информацијата поткрепена со официјална потврда од обвинителството и од судот ја објави порталот НОВАТВ.МК. Фирус Мемед бил осуден за: Примање поткуп по член 357 став 2 од Кривичниот законик (КЗ), Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 2 од КЗ и две кривични дела за Несовесно работење во службата по член 353 в став 1 од КЗ и член 353 в став 23 од КЗ.

    Мемед го признал делото и платил само парична казна од 1.000 евра. Ова не е пракса на Основниот Кривичен суд, бидејќи и да не се останатите три сериозни кривични дела, за примање поткуп секогаш одредува затворски казни.

    Во времето кога бил фатен како ги врши кривичните дела, Мемед бил директор на Државниот инспекторат за животна средина. Според НОВАТВ.МК, бил уапсен и лишен од слобода на 19 октомври 2015, кога му биле и одредени мерки на претпазливост.

    Но во 2016, осудениот Мемед добива нова функција во Агенцијата за храна и ветеринарство, па така тој до денеска  уште е заменик-директор на Агенцијата, една од најчувствителните области.

    „Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и на носителите на јавни функции именувани од Владата што го потпишавме ние министрите и премиерот, ги повикува и обврзува сите оние функционери кои се осудени кривично, кои се огрешиле пред законот и успеале некако кај нашите судии да се извлечат со симболични казни или без казни, да си поднесат оставка. Ете зошто си треба ветинг од страна на едно независно регулаторно тело, кое ќе ги прегледа сите кандидати и претенденти за функции уште пред да се кандидираат, или бидат именувани“, вели Груби за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    На почетокот на денешната владина седница, министрите потпишаа Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата, а задолжен за спроведување на Кодексот е вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира