СИТЕ ОД СЈО СЕ ВРАЌААТ ВО МАТИЧНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА, САМО ГЕВГЕЛИЈА ОСТАНУВА СО КУСОК ОБВИНИТЕЛ ПОРАДИ ПРИТВОРЕНАТА ЈАНЕВА

    СИТЕ ОД СЈО СЕ ВРАЌААТ ВО МАТИЧНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА, САМО ГЕВГЕЛИЈА ОСТАНУВА СО КУСОК ОБВИНИТЕЛ ПОРАДИ ПРИТВОРЕНАТА ЈАНЕВАОбвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов треба да се вратат во Основното јавно обвинителство (ОЈО), Лиле Стефанова во ОЈО за организиран криминал, Бурим Рустеми во ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО Кичево; - Од прес-конференцијата на СЈО на 29 јуни 2017. (Фото: СДК.МК)

    Според одлуката која утре треба само формално да ја донесе Советот на јавни обвинители, сите обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кои беа помошници на разрешената Специјална обвинителка Катица Јанева, ќе бидат вратени на местата од каде што беа избрани. Тие работни места им мируваат 3 години. Обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Артан Ајро треба да се вратат во Основното јавно обвинителство Скопје, Лиле Стефанова во ОЈО за организиран криминал, Бурим Рустеми и Љубомир Лапе во ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО Кичево, Стевчо Донев во ОЈО Кочани.

    Само ОЈО Гевгелија ќе остане со кусок од еден обвинител, бидејќи Советот синоќа ја разреши Јанева, која дојде токму од ова обвинителство. Таа беше разрешена за нестручно и несовесно работење, а притворена е за злоупотреба на службената положба и овластувањата во истрагата „Рекет“, што ја води Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Иако ќе бидат со решенија вратени на поранешните позиции, сепак, според најавите на Државниот обвинител Љубомир Јовески, тие во прво време остануваат чувари секој на своето предметно обвинение што го работел од истрага па сè до застапувањето пред судот. Многу е извесно Јовески на разрешените обвинители од СЈО да им ги остави овие обвиненија да си ги доработат до крај. Не е познато дали и предистрагите и истрагите од СЈО ќе им ги додели ним или на ОЈО за организиран криминал, во услови кога новиот Закон за јавно обвинителство уште не е донесен.

    „По преземањето, предметите се доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети, сè до определување на надлежно Јавно обвинителство и јавен обвинител кој ќе постапува во секој предмет. Во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, ќе продолжат да се спроведуваат досегашните безбедносни мерки за начинот на движење на предметите, доказните материјали и материјалите од прислушуваните разговори, а за контрола над спроведувањето на овие мерки задолжени се двајца обвинители“, сооошти Јовески на 13 септември.

    За натамошното функционирање на помошниците на Јанева тој истиот ден кажа: „Сите обвинители кои се во СЈО, односно полномошници на Специјалниот обвинител, нивните функции од обвинителствата од кои дошле мируваат. Имаат такви решенија и прашањето за извршување на нивна функција е во надлежност на Советот на јавни обвинители и очекувам Советот на јавни обвинители во најскоро време да го реши нивниот статус“, без да открива повеќе за нивната идна работа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира