СИТЕ ОДБИЕНИ ПРОЕКТИ ПОВТОРНО ЌЕ БИДАТ РАЗГЛЕДАНИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА АДЕМИ

    СИТЕ ОДБИЕНИ ПРОЕКТИ ПОВТОРНО ЌЕ БИДАТ РАЗГЛЕДАНИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА АДЕМИДиректорите на десет театри и центри за култура денес испратија барање за ревизија за на националната програма за 2019 година до Владата и до премиеорт Зоран Заев. МНТ/Велешки театар (Фото: СДК.МК)

    Сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани, изјави денес во Берлин министерот за култура Асаф Адем, по реакциите на јавноста за резулатите од Годишната програма за национален интерес на Министерството за култура. Министерството не објаснува од кој буџет ќе бидат доделени парите, ако некој од одбиените проекти евентуално биде поддржан.

    Министерството за култура вчера на неколку пати ја објавуваше Годишната програма за национален интерес во културата, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев синоќа најави дека еден дел од програмата ќе биде поништен, освен делот за културните институции.

    „Со должно внимание ги проследив сите забелешки и коментари кои се однесуваат на објавените резултати. Како човек и како министер за култура длабоко ги респектирам авторите, уметниците, институциите и сите оние кои делуваат во областа на културата и нема да дозволам овие резултати по Годишните конкурси да остават чувство на горчина и незадоволство кај луѓето од културата. Сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета. Со цел поголема транспарентност на целиот процес ќе бидат поканети и претставниците на медиумите. Воедно ги поканувам сите засегнати апликанти кои имаат потреба, да се обратат во Министерството за култура за информации поврзани со нивните проекти“, изјави Адеми во Берлин. Тој замина за Германија три дена пред премиерата на филмот на Теона Стругар Митевска на Берлинале.Од неговиот кабинет соопштија дека покрај гостувањето на премиерата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, ќе има повеќе работни средби.

    Директорите на десет театри и Центри за култура попладнево испратија барање за ревизија на националната програма за 2019 година до Владата и до премиерот Зоран Заев.

    Барањето го испратија: Симона Угриновска (директорка на Македонскиот народен театар), Викторија Рангелова-Петровска (Драмски театар), Театар Комедија (Сашо Ристовски), Турски театар (Несрин Таир), Ване Партиков (Центар за култура „Антон Панов“ од Струмица, Менче Караџоска (Центар за култура „Марко Цепенков“, Прилеп), Алексадар Ивановски (Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“Велес), Сашо Тодоровски (Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово) Маја Андоновска-Илијевски (Центар за култура Битола) и Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар од Битола.

    Директорите реагираат дека се незадоволни од целокупната програмата и доделените средства и очекуваат да им биде одговорно барањето за средба.

    Премиерот Зоран Заев синоќа изјави дека дел од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура за 2019 ќе биде поништен, по реакциите откако се разбра дека меѓу другите, не се поддржани од Министерството за култура и една од најзначајните културни манифестации во земјава – Скопскиот џез фестивал, како и Офф-Фест, Здраво млади, фестивалот 103 генерации на радиото „Стотројка“.

    „Смешно и трагично е ако ви кажам дека ниеден документ по протокол нема доставено Џез фест, а го молеа. Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена. Освен за националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата. Но за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена“, рече Заев, додавајќи дека со тоа испраќа порака до јавноста дека граѓаните се слушнати.

    ДЕЛ ОД КОНКУРСОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ БИДЕ ПОНИШТЕН, НАЈАВИ ЗАЕВ ПО СКАНДАЛОЗНИТЕ РЕЗУЛТАТИ

    НЕ ДАЈ БОЖЕ, САКАМЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, АМА ГО ОДБИВМЕ ПОРАДИ НЕЦЕЛОСНА ПРИЈАВА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, БЕЛОПЕТА ВЕЛИ ТОА Е ТЕНДЕНЦИОЗНО

    ОПЕРАТА „СКЕНДЕРБЕГ“ ПО ВТОРПАТ ДОБИ ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, СО 6,5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ Е НАЈСКАП ПРОЕКТ ЗА ГОДИНАВА

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира