СИТЕ ЗЕМЈИ ЌЕ НЀ ПРИМАТ ВО НАТО, А НИЕ ОП, НЕМАМЕ ПАРЛАМЕНТ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    СИТЕ ЗЕМЈИ ЌЕ НЀ ПРИМАТ ВО НАТО, А НИЕ ОП, НЕМАМЕ ПАРЛАМЕНТ, РЕЧЕ ЗАЕВЗаев вели дека треба да се почитуваат законските прописи и мислењето на претседателот на Собранието Талат Џафери дека Парламентот треба да се распушти 60 дена пред одржување на изборите, но треба да се внимава државата да биде функционална кога треба да се носат важни одлуки како што е членството во НАТО.(Фото: СДК.МК)

    Државата не смее да остане без Парламент за да не може да се ратификува Протоколот за членство во НАТО, кажа премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање на увид на градежни работи на патот од Бутел до селото Љуботен во Скопје.

    Тој рече дека треба да се почитуваат законските прописи и мислењето на претседателот на Собранието Талат Џафери дека Парламентот треба да се распушти 60 дена пред одржување на изборите, но треба да се внимава државата да биде функционална кога треба да се носат важни одлуки како што е членството во НАТО.

    „12 април треба да го задржиме како датум за одржување на предвремените избори. Сепак оставаме можност било какви промени да се случат заради НАТО. Нема да дозволиме како држава да останеме без Парламент, сите 29 земји членки да го ратификуваат и ќе дојде до Република Северна Македонија и оп, ние немаме Парламент. Тоа не смееме да го дозволиме. Претседателот Џафери кажа дека 60 дена пред изборите треба да се распушти Собранието, ние можеме да се поклониме на таа одлука, но сите мораме да водиме грижа државата да ни биде функционална кога се носат вакви важни одлуки“, рече Заев.

    Пристапниот протокол за НАТО го немаат ратификувано уште три земји членки: Холандија, Франција и Шпанија.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери во средата на брифинг со новинарите кажа дека според одредениот датум за избори, Парламентот ќе се распушти на 11 февруари, 60 дена пред изборите како што предвидуваат законските прописи.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира