СЈО Е ОБЕЗГЛАВЕНО, ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ИТНО ДА СЕ ДОНЕСЕ, ПОБАРА ЗАЕВ ОД ПРАТЕНИЦИТЕ

    СЈО Е ОБЕЗГЛАВЕНО, ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ИТНО ДА СЕ ДОНЕСЕ, ПОБАРА ЗАЕВ ОД ПРАТЕНИЦИТЕПремиерот го повика и Советот на јавни обвинители да постапи в.д. специјален обвинител и се надева дека тоа ќе го сторат за неколку дена.(Фото: К.Попов)

    Премиерот Зоран Заев побара пратениците веднаш да го донесат новиот Закон за јавно обвинителство, откако вчера шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева беше притворена како осомничена во случајот „Рекет“.

    Заев апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот, а од пратениците на СДСМ да ги приближат ставовите со опозицијата.

    „Опозицијата и сите пратеници час поскоро треба да го донесат новиот Закон за јавно обвинителство. Во вторник Собранието почнува со работа, деновите се броени и треба да ги покажеме нашите ставови преку одлуките за овој закон. Да не оставиме било каков аргумент на земјите членки кога ќе носат одлука за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ“, рече Заев.

    Премиерот го повика и Советот на јавни обвинители да постави в. д. Специјален обвинител и се надева дека тоа ќе го стори за неколку дена.

    „Кога беше разрешен Марко Зврлевски, а пред да биде назначен Љубомир Јовевски, Советот на јавни обвинители назначи вршител на должност Јавен обвинител. Не постојат законски пречки и во овој случат тоа да го сторат“, додаде Заев.

    Одговарајќи на новинарско прашање за негова вмешаност во случајот „Рекет“, Заев кажа дека немал никакви контакти и разговори со Бојан Јовановски-Боки 13 за Катица Јанева или Орце Камчев.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари