СЛУЧАЈОТ СО ГРУЕВСКИ ВО УЧЕБНИЦИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ЗАПИШЕ ПОД ЗБОРОТ ИРОНИЈА, ВЕЛИ ДИМИТРОВ

    СЛУЧАЈОТ СО ГРУЕВСКИ ВО УЧЕБНИЦИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ЗАПИШЕ ПОД ЗБОРОТ ИРОНИЈА, ВЕЛИ ДИМИТРОВ„Имате прогрес, но сега мора да биде консолидиран и натаму да биде испорачан, особено во борбата со корупцијата и реформите во јавниот сектор“, рече данскиот министер за надворешни работи Андерс Самуелсен по средбата со неговиот колега Никола Димитров во Скопје (Фото: Ѓ.Личовски)

    Случајот со Груевски во учебниците треба да се запише под зборот иронија и под зборот парадокс, бидејќи Европската комисија за време на неговото владеење Македонија ја нарекла заробена држава, а Европскиот совет во јуни донесе заклучок за Македонија со кој се бара одговорност за прислушувањето особено за високи функционери, кажа министерот за надворешни работи Никола Димитров, на заедничката прес конференцијата со данскиот министер за надворешни работи Андерс Самуелсен, кој е во посета на Македонија.

    „Македонија прави сè да владее правото и парадоксално е човек што има правосилна пресуда и има четири други обвиненија и пет други истраги, да најде азил во земја членка на ЕУ. Ова е проблем и за Македонија и за ЕУ и за кредибилноста на принципот на владеење на правото во ЕУ. Ќе имам средба со мојот унгарски колега Сијарто на 4-5 декември на маргините на министерскиот состанок на НАТО и отворено ќе зборуваме за овие прашања. Тоа судење беше следено од ОБСЕ од Европската комисија и не беа дадени забелешки. Стејт департментот го окарактеризира како фер судење. Во Министерството за внатрешни работи нема никаква пријава за закана по живот. Груевски имаше шест обезбедувачи по негов избор и ако имаше несигурност можеше да побара уште. Ниту за нас, ниту за Европската унија, ниту за Унгарија е добро кога има селективна правда“, рече Димитров.

    Како што кажа тој, принципот на владеење на правото е наш силен интерес и тоа ќе биде принцип во нашите следните контакти со Унгарија, но сега не најавуваме ништо за да не биде контрапродуктивно.

    Тој ова го кажа како одговор на новинарско прашање дали ќе побара од Унгарија да го повлече својот амбасадор од Македонија, по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта за да не биде спроведен на издржување казна затвор за случајот на СЈО „Тенк“ за набавка на мерцедесот од 600.000 евра.

    „Имаме и друг интерес Унгарија да не поддржи за членство во НАТО и ЕУ и наше е да ги убедиме дека владеењето на правото е во интерес и на Унгарија“, рече Димитров.

    Данскиот министер за надворешни работи Самуелсен кажа дека на средбата со Димитров допреле бројни важни теми, меѓу кои евроатлантски аспирации на Македонија и за стабилноста на регионот.

    „Данска ги поддржува вашите ЕУ аспирации, но подвлековме дека прогресот ќе се разгледува со европски пристпап. Имате прогрес, но сега мора да биде консолидиран и натаму да биде испорачан, особено во борбата со корупцијата и реформите во јавниот сектор. Економија базирана на слободен пазар функционира само ако имате сигурни јавни институции за кои има доверба за фер делување. Данска ја поддржува и вашата НАТО интеграција, и силно ве поддржуваме да ги направите клучните реформи“, рече Самуелсен.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари