СЛУШНАВ „УБИЈТЕ ГИ СИТЕ“ И ПУКАВ, СВЕДОЧЕШЕ ТЕЛОХРАНИТЕЛОТ НА ОЛИВЕР СПАСОВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    СЛУШНАВ „УБИЈТЕ ГИ СИТЕ“ И ПУКАВ, СВЕДОЧЕШЕ ТЕЛОХРАНИТЕЛОТ НА ОЛИВЕР СПАСОВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛАцо Ангеловски, кој сега работи како началник на Секторот за превентивно обезбедување во МВР, добива признание од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Денот на полицијата 7 мај (Фото: МВР)

    Еден од најтешко повредените при организираниот напад на Собранието на 27 април лани, Ацо Ангеловски, кој испука истрел за да го спаси својот и животот на Оливер Спасовски кому таа вечер му беше обезбедување, и останатите пратеници, во суд се вознемири и расплака од сцените што ги преживеал тој ден.

    Сведочеше прв. На почетокот беше смирен. Но, кога кажа како му се молел на Влатко Ѓорчев кој дошол да ги брани, тој се затетерави пред микрофонот во судницата, се расплака и почна брзо да дише, што судијката Кацарска го забележа во записник.

    Според сведочењето на Ангеловски, масата станувала агресивна, тој добил повик од Сашо Тасевски, шефот на обезбедувањето на Оливер Спасовски, да влезат внатре оти животите им се во опасност.

    Со колегата Александар Јанковиќ едвај успеале да влезат, и тоа морале од главниот влез. Бидејќи работел 12 години во Собрание, го знаел најкраткиот пат до прес-центарот кај насилствата.

    „Внатре беше ужас. Во ќош стиснати Зоран Заев, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Зијадин Села, Дамјан Манчевски и други пратеници. Се зачудив, салата беше полна со колеги од МВР. Влегле со граѓаните. Тројца само се обидоа да ги одвратат нападите, останатите само гледаа, со прст не мрдаа. Толпата мавала со сè и сешто“, сведочеше Ангеловски на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    „Командите доаѓаа од еден центар. Мислам дека од граѓаните со фантомки. Во еден момент од некого од мојата лева страна беше искажана наредба: ’Убијте ги сите‘!“, кажа Ангеловски.

    Тогаш Ацо го извадил службениот пиштол, рекол „Полиција, отстапете!“ и пукнал еден предупредувачки куршум.

    За момент застанала толпата и како да се вратила чекор назад, за по неколку минути да удри со сета силина, особено по него, затоа што пукал. Тука му удриле четири силни боксови, му ја повредиле главата и му ја расцепиле устата.

    Штом го слушнал истрелот, дотрчал Влатко Ѓорчев, сведочеше Ангеловски. Викнал четворица од напаѓачите, ги наредил како жив штит.

    „Го познавам Влатко, работев 12 години во Собранието. Му реков: ’Влатко, немој да нè оставиш‘!“, вели Ангеловски.

    „Не Ацо, ќе останам до крај со вас!“, му рекол Влатко.

    „Иронично беше што дел од тие што нè тепаа, сега почнаа да нè бранат. Тоа беа Александар Филевски, некој Тошта… ги имаше неколку“, сведочеше Ангеловски.

    Тука се расплака сведокот Ангеловски. Влатко останал до експлозијата, по која влегла Единицата за брзо распоредување од МВР.

    Кога ги евакуирале, Ангеловски со тешки повреди примил инфузија веднаш. Во шок им се молел на лекарите од брзата помош: „Немојте да ме отруете, ве молам“.

    Некако бил изнесен со амбулантно возило. На пат за КАРИЛ, тамам да тргнат, вандали од пред Собрание ја откорнале вратата на амбулантното возило. Возачот избегал, зад воланот седнал возачот на ексминистерот Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ. Тешко повредениот Ангеловски завршил во болница.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира