Со два воени авиона од Софија, Бугарија денеска на Меѓународниот аеродром Скопје беа донесени посмртните останки на жртвите во автобуската несреќа што се случи на автопатот Струма на 23 ноември. Посмртните останки на 45 загинати македонски државјани беа пречекани со највисоки државни почести, а припадници на Армијата им ги предаваат телата на семејствата.
На церемонијата за оддавање на последна почит на скопскиот аеродром присуствуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министери во Владата, странски делегации и претставници на Исламската верска заедница.
По барање на семејствата на загинатите откажана е поворката која требаше да помине низ градот. На загинатите може да им се оддаде почит на Плоштадот Скендербег во Скопје, каде се поставени венци.
Во автобуската несреќа на автопатот Струма во близина на Перник загинаа 45 лица од кои 12 деца, а седум патници беа повредени и се лекуваат на скопските клиники. Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.
Автобусот со кој се возеле патници на „Беса транс“ немал дозвола за меѓународен транспорт, но тоа беше откриено откако се случи несреќата, по што Министерството за транспорт и врски ја одзема лиценцата за работа на фирмата.
Кои се причините за несреќата треба да покаже истрагата која ќе ја спроведува бугарското обвинителство и нема да има паралелна истрага во Македонија.
А. АНТЕВСКА