СО РЕГИОНАЛЕН ПРИСТАП ДА ЈА ПОДОБРИМЕ БЛАГОСОСТОЈБАТА НА ГРАЃАНИТЕ И ДА ЈА НАМАЛИМЕ СИРОМАШТИЈАТА, ВЕЛИ ЦАРОВСКА

    СО РЕГИОНАЛЕН ПРИСТАП ДА ЈА ПОДОБРИМЕ БЛАГОСОСТОЈБАТА НА ГРАЃАНИТЕ И ДА ЈА НАМАЛИМЕ СИРОМАШТИЈАТА, ВЕЛИ ЦАРОВСКАЕфектите од мерките кои сега ги преземаме за намалување на сиромаштијата ќе се почувствуваат за една година, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска (Фото: фејсбук/ УНИЦЕФ)

    Подобрувањето на благосостојбата на граѓаните и намалувањето на сиромаштијата да ги решаваме со регионален пристап, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на регионалната конференција „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата“, која се одржува во Скопје.

    „Им ветивме на граѓаните дека нема да се срамиме во очи да им погледнеме на најсиромашните. Поставивме нов стандард од кој нема назад. Над 30.000 домаќинства добиваат гарантиран приход и повеќе од 22.000 деца добиваат детски додаток, оти сиромаштијата не смее да се пренесува од генерација на генерација. Главната цел е инвестиција во луѓето. Ајде целосно да се посветиме како регион и да ги искористиме енергијата и искуствата што ги има овој регион за да создадеме држави на благосостојба“, рече Царовска.

    Таа рече дека ефектите од овие мерки ќе се почувствуваат по една година и дека статистичките податоци кои кажуваат дека над 20 отсто од населението е сиромашно се од пред две години.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека бробата против сиромаштијата е врвен приоритет и дека реформата на социјалната заштита значи достоинствен живот на илјадници граѓани. Тој кажа дека меѓу мерките за тоа се и враќање на парите кај граѓаните и обезбедување подобри работни места и повисоки плати.

    „Вложувањето во раниот детски развој и политики за намалување на детската сиромаштија исто така се едни од приоритетите. Минатата недела одбележавме клучно достигнување дека немаме дете под три години сместено во безличните државни институции. Граѓаните земаат социјална помош поголема за 300 отсто. Ја зголемивме минималната плата и сега над 50.000 работници добиваат повисоки плати. Работиме на ново покачување на платите и ако дијалогот заврши вечерва, до утре може да очекуваме и ново покачување на минималната плата. Обезбедивме над 11 илјади стечајци кои долго време беа оставени без никаков проход. Даваме шанса и на повозрасните граѓани кои немаат доволно стаж и ја воведовме државната социјална пензија. Само преку солидарноста и почитувањето можеме да создадеме едно општетство за сите“, рече Заев.

    Марко Мантованели, директорот на Светска банка за Македонија и Косово, рече дека по кризата од пред десетина години е намалена сиромаштијата во земјите од Западен Балкан и дека Македонија води на ова поле, но дека во разговорите со луѓето добил поинаков впечаток, па треба уште многу да се направи.

    Пол Стабс, виш истражувач од Економскиот факултет во Загреб, рече дека во борбата со сиромаштијата веќе не е доволно да се размислува глобално, а да се делува локално, туку дека треба да се размислува и делува и локално и глобално и меѓу нив. Тој смета дека регионалниот пристап во решавањето на ова прашање може да ги даде одговорите на трите клучни предизвици со кои се соочуваат луѓето, како што се несоодветните услови за работа, климатските промени и растечката тенденција на миграција.

    „Има пет нешта кои треба да се направат, а тоа е да се намалат сиромаштијата, невработеноста, болестите, лошите услови за живот и несоодветното образование. Тоа влијае на децата, на вработените и на постарите“, рече Стабс.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира