СО СЕМЕЈСТВОТО ЌЕ ОДИМЕ НА ЕКСКУРЗИЈА ВО БЕЛГИЈА, НЕМА ДА ИМАМ КЛАСИЧЕН ОДМОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ КОЈ ВО МАЈ ГИ ПОВИКА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ДА ЛЕТУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА

    СО СЕМЕЈСТВОТО ЌЕ ОДИМЕ НА ЕКСКУРЗИЈА ВО БЕЛГИЈА, НЕМА ДА ИМАМ КЛАСИЧЕН ОДМОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ КОЈ ВО МАЈ ГИ ПОВИКА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ДА ЛЕТУВААТ ВО МАКЕДОНИЈАМицкоски на 4 мај ги повика македонските граѓани да летуваат на нашите планини и езера откако Европската Унија воведе дигитална евиденција на патниците од земјите кои не се членки на Шенген зоната. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски годишниот одмор ќе го помине во Белгија. Тој денеска кажа дека со семeјствто ќе биде 4  дена во Бриж и 4 дена во Брисел.

    „Во суштина нема да имам класичен одмор, ќе биде еден вид екскурзија. Со семејството ќе бидам една недела во Белгија, четири дена во Бриж и четири дена во Брисел“, рече Мицкоски одговарајќи каде ќе го помине летниот одмор на новинарско прашање при посетата на болницата во Битола.

    Мицкоски на 4 мај ги повика македонските граѓани да летуваат на македонските планини и езера откако Европската Унија воведе дигитална евиденција на патниците од земјите кои не се членки на Шенген зоната. Мицкоски ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе побара од Европската унија одложување на новиот систем во летната сезона.

    „Јас не би коментирал апсолутно премногу за тоа, за тој начин на однесување. Имаме одредени разговори во рамките на Европската Унија како би се тоа надминало, но ако претставуваат проблем летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, имаме прекрасни планини, имаме прекрасни места во Македонија. Јас ги повикувам македонските граѓани да ги поминат своите летни годишни одмори на македонските планини и езера, на македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме затоа што втора резервна немаме“, рече Мицкоски на 4 мај во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по панихидата за 123 години од смртта од Гоце Делчев.

    Белгија е дел од Шенген зоната и од 10 април и на тамошните гранични премини се применува новиот „Влез -излез“ (ЕЕС) дигитален систем за регистрација на патници од трети земји.

    Еден од најпроблематичните аеродроми на кој според многу сведоштва на социјалните мрежи за поминување на пасошка контрола се чека и над два часа е бриселскиот аеродром Шарлоа, кој го опслужуваат авионите на нискобуџетната компанија „Визер“ од Скопје. До два часа има чекање и на главниот бриселски аеродром до кој летаат националните превозници кои се дел од големи воздухопловни групации.

    Премиерот Мицкоски лани од 4 до 10 август беше на летен одмор во Хрватска. Од Скопје за Сплит летал со комерцијален лет, а назад се вратил со владиниот авион бидејќи го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира