СОБРАНИЕТО ДА ИМ НАЛОЖИ НА ИНСТИТУЦИИТЕ ИТНО ДА СТАВАТ МОРАТОРИУМ НА СИТЕ ГРАДБИ И ДИВОГРАДБИ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ

    СОБРАНИЕТО ДА ИМ НАЛОЖИ НА ИНСТИТУЦИИТЕ ИТНО ДА СТАВАТ МОРАТОРИУМ НА СИТЕ ГРАДБИ И ДИВОГРАДБИ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕОпштина Охрид донесе одлука со која се поништува дозволата за градба за хотелот кај Лагадин, но второстепената комсија во Министерство за транспорт и врски ја поништи оваа одлука на локалната власт (Фото: СДК.МК)

    Мораториум за сите крајбрежни и урбани промени и справување со дивите градби на Охридското Езеро, побара еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42. Екологистите со отворено писмо денес на денот на Охридското Езеро со обратија до Собранието на Република Македонија, во кое апелираат пратениците да ги усвојат суштинските заклучоци од надзорната расправа за Законот за управување со охридскиот регион, за да се спроведат препораките од УНЕСКО.

    „Да усвојат заклучоци со кои ќе им наложат на сите засегнати институции итно спроведување на сите препораки, започнувајќи од приоритетните, односно мораториум за сите градби. Ве потсетуваме дека тоа е Ваша законска и историска обврска кон сите сегашни и идни генерации во Македонија, но и должност кон целиот свет“, велат Фронт 21/42 во отвореното писмо.

    Според препораките од УНЕСКО прво што треба да се направи е итно да се стави мораториум, па потоа да се завршат планските документи.

    „Оваа препорака повеќе пати беше истакнато од страна на претставникот на регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција Синиша Шешум, на министерската средба на 6. јуни годинава во Охрид. Тој истакна дека ако не се спроведе оваа итна препорака останува опасноста Охрид да се најде на листата на светски наследства во опасност, и ги извести македонските власти дека со тоа се загрозува и доведува во прашање тековната номинација на албанската страна на езерото за светско наследство“, велат од Фронт 21/42.

    Екологистите потсетуваат дека Шешум на министерскиот состанок во Охрид кажа дека деструкцијата на Охридскиот регион почнува во деведесеттите години на минатиот век, и дека зема драматичен замав од 1998 до денес.

    „Сите генерации од почетокот на цивилизацијата до независна Македонија го чувале, негувале и предавале на своите потомци ова исклучително и уникатно богатство на целиот свет. Ние сме единствените кои си го уништуваме највредното и ако не запреме веднаш може да им го одземеме на сите генерации кои доаѓаат после нас“, велат од Фронт 21/42.

    Тие велат дека за една година единствена мерка која е спроведена во охридскиот регион за заштита на светското и културно наследство е одлуката на управниот одбор на Националниот парк „Галичица“ да се прекине постапката за менување на Планот за управување, и дека тоа е единствена конкретна мерка од 19 препораки што ги даде мисијата на УНЕСКО.

    „Останатите чекори, како формирање на работна група за измени и дополнувања на Законот за управување со Охридскиот Регион, Одлуката за спроведување на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина на Планот за управување со заштитеното подрачје, имаат потенцијално големо значење за исполнување на дел од препораките на УНЕСКО, но во отсуство на клучната одлука за итен мораториум, овие мерки ќе бидат залудни“, велат од Фронт 21/42

    Од здружението велат дека додека дел од институциите работат на потребните документите, некои од нив спроведуваат активности кои се спротивни од препораките на УНЕСКО.

    „Во февруари годинава Владата усвои информации кои јасно покажуваат планови за продолжување на дел од постоечките проекти, како и за нови крајбрежни трансформации. Овој месец на Италијанско – македонскиот бизнис форум премиерот покани италијански компании да инвестираат во постоечкиот проект за Коридор VIII, за кој Мисијата има дури три препораки со кои се бараат суштински измени на трасите. Овој месец Министерството за транспорт и врски објави нацрт стратегија за транспорт за период 2018 – 2030, во која не се вградени препораките 1, 2 и 3 за Коридорот VIII, Општините Струга и Охрид и натаму дозволуваат градежни зафати, како трансформации на струшкото крајбрежје, изградба на хотелот во Лагадин“, велат од Фронт 21/42.

    Од здружението потсетуваат дека лани на 21 јуни во Собранието се предадени картички од над 8.000 граѓани кои бараат мораториум за инфраструктурни проекти околу Охридското Езеро, кое единственото Светско природно и културно наследство во Македонија. Граѓаните освен мораториум на градбите лани побараа и доследно спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион.

    „Точно една година подоцна Ви се обраќаме повторно со истото барање и уште поголема загриженост. Најмногу нѐ загрижува е евидентното избегнување на клучната мерка за спас на единственото УНЕСКО подрачје во нашата земја, а тоа е прогласување на мораториум за градба барем додека не се завршат и спроведат сите релевантни документи, согласно препорака број 6 на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО. Спроведувањето на оваа мерка ја налага националното законодавство, за неа не се потребни никакви финансиски средства, човечки ресурси, време. Потребна е само политичка волја“, велат Фронт 21/42 во отвореното писмо до Собранието.

    Писмото екологистите го упатија до до претседателот на Собранието Талат Џафери, до Ирена Стефоска, претседател на Комисијата за култура и член на неформалната група „Пријатели на УНЕСКО“, до Реџаиљ Исмаили, заменик на претседателот на Комисијата за култура, до членовите на Комисијата за култура: Никица Корубин, Славица Шуманска – Митева, Ферид Мухиќ, Енес Ибрахим, Шпреса Хадри, Елизабета Канческа – Милевска, Крсто Јовановски, Магдалена Манаскова, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска – Старова, до членови на неформалната група „Пријатели на УНЕСКО: Маја Морачанин, Томислав Тунтев, Африм Гаши и Васко Ковачевски.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира