СОБРАНИЕТО ЕДНОГЛАСНО ЈА РАЗРЕШИ КАТИЦА ЈАНЕВА

    СОБРАНИЕТО ЕДНОГЛАСНО ЈА РАЗРЕШИ КАТИЦА ЈАНЕВАЗа разрешувањето на Специјалната обвинителка Јанева гласаа 102 пратеници, немаше против и воздржани. (Фото: К. Попов)

    Собранието денеска едногласно ја разреши притворената Специјална обвинителка Катица Јанева. Јанева е разрешена поради незаконито, несовесно и нестручно раководење со институцијата Специјално јавно обвинителство (СЈО). За разрешувањето на Јанева гласаа 102 пратеници, немаше против и воздржани.

    Собраниската седница за разрешување на Јанева траеше нецел еден час. Илија Димовски и Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ му забележаа на Џафери дека требало побрзо да ја закаже седницата за разрешување, а тој им одговори дека го чекал исходот од лидерската средба за Законот за јавно обвинителство. Јован Митревски од СДСМ кажа дека неговата партија ќе гласа за разрешување на Јанева и дека сите вмешани во „Рекет“ ќе одговараат.

    Одлуката на Собранието сега ќе биде испратена до Советот на јавни обвинители, кој што треба да свика седница за да се констатира разрешувањето на Јанева.

    Јанева е во притвор од 21 август, осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во случајот „Рекет“. Таа беше избрана за Специјален јавен обвинител на 15 септември 2015 со 108 гласа „за“ и нејзиниот мандат истекуваше утре.

    Разрешувањето на Јанева доаѓа еден ден откако Јавното обвинителство ги презеде предметите од СЈО со согласност на сега веќе разрешената Специјална обвинителка.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари