СОБРАНИЕТО ГИ УСВОИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПОГОЛЕМА КОНТРОЛА НА ЛЕКОВИТЕ ОД ПАРАЛЕЛЕН УВОЗ

    СОБРАНИЕТО ГИ УСВОИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПОГОЛЕМА КОНТРОЛА НА ЛЕКОВИТЕ ОД ПАРАЛЕЛЕН УВОЗСо законските измени се воведува обврска увозникот на лекови од паралелен увоз да има задолжително сертификат за квалитет на лековите и документи со кои ќе се знае начинот на движење на лекот од производителот, до крајниот корисник (Фото: СДК.МК)

    Измените на Законот за лекови и медицински помагала, со кои построго се регулира паралелниот увоз на лекови денес беше усвоен во Собранието на Република Македонија. Владејачкото мнозинство го изгласа законските измени во второ читање на пленарна седница.

    Со овие измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински помагала се воведува обврска увозникот на лекови од паралелен увоз да има задолжително сертификат за квалитет на лековите и документи со кои ќе се знае начинот на движење на лекот од производителот, до крајниот корисник.

    Увозникот на лекови со паралелен увоз ќе треба да има сертификат за квалитет на лекот од фирмата производител, а тој сертификат да се однесува точно за земјата од каде се врши паралелниот увоз на лекови во Македонија. Исто така увозникот ќе треба да има уште еден сертификат за квалитет на лековите од референтна лабораторија од земјава или од странство.

    Агенцијата за лекови и медицински помагала пак ќе има обврска да доставува квартални извештаи до Министерството за здравство за издадени одобренија за пуштање во промет на секоја серија на лек од паралелен увоз со податоци за носителите на одобренија и податоци за паралелно увезениот лек, односно името на увозникот, името на лекот, јачината, дозата, големината на пакување, број на одобрение и датум на издавање,, производител, држава извозник, големопродажна и малопродажна цена. Овие извештаи Агенцијата за лекови до Министерството за здравство ќе треба да ги достави најдоцна до 10-ти во месецот по истекот на последниот месец од претходниот квартал.

    Овие измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински помагала беа направени по реакција на пациенти и Здруженија на пациенти, дека во изминатите години при увозот на потребните лекови се водело грижа само за тоа цената на лекот да биде ниска, а не и квалитетот. Отворени сомнежи за квалитетот на лековите што ги увезува и Министерството за здравство, но и клиниките дадоа пациентите со дијабетес и пациентите со ретки болести. Дел од нив кажаа дека по примената терапија набавена со паралелен увоз имале страшни несакани појави.

    Собранието за законските измени за паралелен увоз на лекови требаше да почне расправа уште во јануари годинава. Но непосредно пред почетокот на првото читање во собраниската комисија за здравство, министерот за здравство Венко Филипче, кој беше именуван на оваа функција кон крајот на декември лани, ги повлече измените со објаснување дека е потребна техничка доработка на предлог текстот и дека тоа ќе заврши за десетина дена.

    Техничките дополнувања, како што тогаш ги нарече Филипче, на предлог текстот на измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински помагала, траеше до април, кога собраниската комисија за здравство организираше јавна расправа непосредно пред првото читање на законските измени.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира