НЕМА ГАРАНЦИЈА ДЕКА ЛЕКОВИТЕ ОД ПАРАЛЕЛЕН УВОЗ СЕ КВАЛИТЕТНИ, ВЛАДАТА ДА НАПРАВИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ, ПОБАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    НЕМА ГАРАНЦИЈА ДЕКА ЛЕКОВИТЕ ОД ПАРАЛЕЛЕН УВОЗ СЕ КВАЛИТЕТНИ, ВЛАДАТА ДА НАПРАВИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ, ПОБАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ„При паралелениот увоз не се спроведува постапка за регистрација, немa стручна проценка од Комисија за лекови составена од експерти од медицина и фармација, како што е случај со редовниот увоз. Затоа сметаме дека треба да се зајакне постапката за безбеденост и квалитет на лековите“, рече Васка Бајрамовска, заменик Народен правобранител (Фото: СДК.МК)

    Народниот правобранител ѝ препорача на Владата да направи измени на Законот за лекови и медицински помагала, со кои што ќе се зајакне постапката за безбедност и квалитет на лековите од паралелен увоз.

    Васка Бајрамовска, заменик на Народниот правобранител, рече дека вакво барање упатиле до Владата, бидејќи од постапката што ја воделе за лековите кои што во земјава доаѓаат со паралелен увоз, дошле до заклучок дека нема гаранција за нивниот квалитет.

    „Последните две години, 99 отсто од лековите кои во Македонија влегуваат со паралелен увоз се од Турција. Со оглед на законските измени направени во 2013 година, каде за паралелен увоз не се бара сертификат за квалитет и со тоа што е овозможено на дистрибутерот со привремено одобрение да го пушти лекот во промет, додека да го добие целосното одобрение од Агенцијата за лекови, може да се кажа дека нема гаранција дали овие лекови се квалитетни или не“, рече Бајрамовска.

    Таа објасни дека по претставка на здружението за детски дијабетес „Баланс МК“ во октомври годинава отвориле постапка за квалитетот на лековите од паралелен увоз и дека од 54 јавни здравствени установи, од Министерството за здравство и од Агенцијата за лекови и медицински помагала. Одговори на прашањето од каде и како ги увезуваат лековите добиле од 45 болници, како и од Агенцијата за лекови. Од Министерството за здравство нема одговор како се прави увозот на вакцини и инсулин.

    „Паралелениот увоз на лекови е воведен 2012 година, но само од земји членки на Европската унија. Лек внесен со паралелен увоз од членки на ЕУ бил претходно контролиран од специјализирани лаборатории во Стразбур и Лондон. Со законските измени од 2013 година, дозволено е паралелен увоз да се прави и од трети земји, меѓу кои, Русија, Турција, Норвешка, Израел, Канда, Јапонија и САД. Лек донесен со паралелен увоз од трети земји не подлежи на контролите во специјализираните лаборатории, како што е случајот со лековите од членките на ЕУ“, рече Бајрамовска.

    Агенцијата за лекови во одговорот што го доставила до канцеларијата на Народниот правобранител, навела дека во периодот од први јануари 2016 година до октомври 2017 година направила 97 контроли на лекови од паралелен увоз, и дека во два случаи изрекла санкции. Првиот случај е за лек за ретката болест Гоше, кој лани во април е повлечен од употреба, откако Агенцијата за лекови добила пријава од Клиниката за детски болести за несакани ефекти од примена на лековите врз пациентите. Вториот случај е за лек за малигни заболувања, кој бил пуштен во употреба без одобрение за дистрибуција. Веледоргеријата добила и прекршочна пријава.

    „При паралелениот увоз не се спроведува постапка за регистрација, немa стручна проценка од Комисија за лекови составена од експерти од медицина и фармација, како што е случај со редовниот увоз. Затоа сметаме дека треба да се зајакне постапката за безбеденост и квалитет на лековите. Треба да се направи регистар на лекови од паралелен увоз, потоа контрола на секоја увезена серија на лек, и да се укине издавањето на привремено одобрение“, рече Бајрамовска.

    Министерството за здравство подготви законски измени токму за паралелниот увоз уште пред два месеци, но според канцеларијата на Народниот правобранител со вака предложените измени нема ништо суштински да се смени во зголемување на безбедноста и квалитетот на лековите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари