СОБРАНИЕТО МОРА ДА БИДЕ САМОСТОЈНО, ДУРИ И ЧАШИТЕ СЕ ВО СОПСТВЕНОСТ НА ВЛАДАТА, РЕЧЕ СПИКЕРОТ ЏАФЕРИ

    СОБРАНИЕТО МОРА ДА БИДЕ САМОСТОЈНО, ДУРИ И ЧАШИТЕ СЕ ВО СОПСТВЕНОСТ НА ВЛАДАТА, РЕЧЕ СПИКЕРОТ ЏАФЕРИПроцесот „Жан Моне“ треба да го обнови дијалогот помеѓу политичките партии и да ја одблокира работата на Собранието. - Од денешниот брифинг на Џафери со новинарите (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека за да биде Собранието самостојно, како што стои во Уставот, мора да се оддели финансирањето од Владата.

    „Буџетот го предлага Владата, ние само гласаме. Министерот за финансии кога сака може да скрати дел од парите предвидени за Собранието. Гледате, на чашите пишува Служба за општи и заеднички работи, дури и водата ја набавува владата. За да ја добиеме улогата што ја имаме според Уставот, ќе мора да имаме потполна независност“, кажа Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

    За блокадата на Законот за употреба на јазиците, Џафери рече дека очекува во скоро време решение.

    „Ако се отвори расправа, ќе се блокира Собранието“, рече Џафери.

    Дијалогот меѓу власта и опозицијата во процесот „Жан Моне“, наместо во Париз, ќе се одржи во Охрид на 15 март, но може да се пролонгира до мај, за да можат да се обезбеди присуство на високи претставници од Европската унија, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.

    „Разговаравме со европратениците што беа тука и се договоривме процесот да почне на 15 март. Ако во случај не може да се обезбедат европски експерти и високи претставници на Унијата во март, средбата може да се пролонгира за мај, за да се обезбеди присуство на функционери од европските институции“, рече Џафери.

    Процесот „Жан Моне“ треба да го обнови дијалогот помеѓу политичките партии и да ја одблокира работата на Собранието.

    Темите за разговор ќе бидат измените на собранискиот Деловник, етичкиот кодекс за пратениците, Изборниот законик, односно претставниците на партиите што ќе учествуваат во процесот „Жан Моне“, можат да предлагаат било која тема за дебата.

    Во Охрид ќе се разговара и за дополнување на правилниците за обезбедување на Собранието, за да не се случи друг 27 април, како и за финансиско осамостојување на Собранието од Владата.

    Претседателот Џафери е оптимист дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во Собранието, бидејќи причините за бојкотот немале веќе да постојат.

    „Посакуваме што побрзо да се вратат во Собранието, се работи на тоа. Причината поради која не учествуваат во работата на Собранието мислам дека за некое време нема да постои, бидејќи и тоа добива епилог така што ќе изостанат аргументите за да се отсутни од Собранието“, вели Џафери.

    Од ВМРО-ДПМНЕ неофицијално го известиле дека координатор на пратеничката група е Драган Данев, но формално одлуката сè уште ја немал добиено.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира