СОБРАНИЕТО НЕМА ПЛАН КАКО ЌЕ ГИ ПОДЕЛИ ПАРИТЕ НАМЕНЕТИ ЗА КАМПАЊА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

    СОБРАНИЕТО НЕМА ПЛАН КАКО ЌЕ ГИ ПОДЕЛИ ПАРИТЕ НАМЕНЕТИ ЗА КАМПАЊА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТСобранието соопшти дека остатокот од парите за референдумска кампања, односно финансиите наменети за 41 отсто од пратениците коишто во писмото до претседателот на Собранието се изјаснија дека бараат средствата за кампања да се пренаменат за други цели, истите не може да се пренаменат за други цели, односно истите ќе останат неискористени.(Фото: СДК.МК)

    Собранието сè уште нема план како ќе ги распредели 1,3 милиони евра добиени од Владата за водење на кампања на референдумот за името на 30 септември. Официјално, и од власта и од опозицијата не кажуваат како ќе ги водат кампањите.

    Собраниски извори велат дека на денешната координaција нема договор како ќе се поделат парите предвидени за референдумската кампања.

    „Се надеваме дека до крајот на неделата ќе се направи медиjа планот како пратеничките групи ќе ги поделат парите предвидени за кампањата ’за‘. Ќе имаме средби со Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, па ќе ги прецизираме деталите. Нема уште ништо прецизирано“’, велат пратеници од парламентарното мнозинство.

    За кампањата „за“, предвидени се 5 минути и 23 секунди за медиумско претставување, но за делот „против“ односно останатиот дел од предвидените околу 9 минути во ударното време, не се знае дали медиумите ќе можат комерцијално да го продаваат. Дека ќе водат камања „за“ се изјасниле 71 пратеник од владејачкото мнозинство, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија што ќе поддржат, а од оваа опозициона партија единствено пратеникот Антонијо Милошоски се изјасни дека застапува бојкот на референдумот и побара пари за кампања.

    „Финансии исклучиво ќе бидат користени само за намената за која се распределени средствата, односно за кампањата којашто ќе биде спроведена од страна на 71 пратеник коишто се изјасниле дека се во коалицијата ‘за’ референдумот, што претставува 59 отсто од времето за повластено платено рекламирање во медиумите. Оттука, информираме дека остатокот од парите за референдумска кампања, односно финансиите наменети за 41 отсто од пратениците коишто во писмото до претседателот на Собранието се изјаснија дека бараат средствата за кампања да се пренаменат за други цели, истите не може да се пренаменат за други цели, односно истите ќе останат неискористени“, стои во соопштението на Собранието.

    Парите кои се наменети за опозицијата, за кои ВМРО-ДПМНЕ побара да се пренаменат за други цели, ќе се вратат во буџетот.

    Владата денес ги префрли парите на сметката на Собранието предвидени за водење на кампањата на референдумот закажан за 30 септември. На посебна сметка на Собранието Владата префрли 80 милиони денари (1,3 милиони евра), кои се наменети за спроведување на кампањата за референдум.

    Граѓаните од земјава и дијаспората на 30 септемри ќе треба да одговорат на рефендумското прашање, кое ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари